Незгодно е да се гледаат стари интервјуа со познати жени

Инспирирани од „Framing Britney Spears“, луѓе почнуваат да прегледуваат стари интервјуа и да се гадат од лошиот третман што го добиваа жените во едно друго време.

Документарната серија на Њујорк Тајмс Презентс го прикажа проблематичното минато на Бритни спирс - нервниот слом од 2007, „дочувувањето“ и движењето #FreeBritney. Се навраќа на интервјуто со Дајен Соер, која ја закачаше тогаш 22-годишната Спирс за неверството во врската со Џастин Тимберлејк и искажуваше сомнежи за нејзиниот сексапил за кој рече дека „вознемирувал мајки“. Дури и ѝ покажа цитат од поранешната прва дама на Мерилен Кендел Ерлич, „Навистина, да можев да ја застрелам Бритни Спирс, веројатно така ќе направев.“ Одеднаш, се појави лавина барања до Соер и Тимберлејк да се извинат, и додека ја чекаат Соер, Тимберлејк веќе им се извини и на Бритни и на Џенет Џексон.

Овој тренд продолжува со истакнувањето на уште едно интервју - Парис Хилтон, тогаш 26-годишна кај Дејвид Летерман, кога ја мачеше околу затворската казна за сообраќаен прекршок. Во 2013, Летерман ја притисна и Линдзи Лохан, која отиде кај него да го промовира „Страшен филм 5“, а водителот ја искористи приликата да ја испрашува за дрогирање и правни битки. Лохан му рече „Ова не го дискутиравме пред интервјуто.“

Сексизмот е документиран со децении. Зошто луѓето сега го гледаат со свеж поглед?

Смртта на Џорџ Флојд, екстремизмот околу изборите, Me Too и економските разлики истакнати во време на пандемија ги натераа луѓето да си речат, чекај - има привилегирани групи што си дозволиле микро-агресии и тоа сега потешко се игнорира. Анита Томас, психолог и потпретседател на универзитетот Сент Катрин за Јаху вели,

„Има нова перспектива дека опресијата секогаш ја имало, но не сме ја препознавале… Отсекогаш била погрешна, но лесна за отфрлање.

Младите девојки и девојчиња често се сексуализирани и објективизирани без да се помисли на нивната човечност.“

Пример за ова е клипот што го има и во серијата за Бритни, каде што во 1992, кога има 10 години, се натпреварува на шоу за таленти и водителот Ед Мекман, тогаш 69-годишен ѝ вели „Забележав дека имаш преубави, мили очи. Имаш дечко?“ Бритни му одговара дека „машките се лоши“, па Мекман ќе рече „Еве јас не сум лош, може јас?“

Томас оваа нова освестеност ја споредува со „движење наоколу кога ќе се крене магла.“ Моника Левински, која во ’90-те беше главна мета на вечерните емисии заради аферата со Бил Клинтон алудираше на ова во нејзиниот есеј за Венити Фер: „Не би била толку изолирана да се случеше тоа денес. Еден од најинспиративните аспекти на ова ново енергично движење е бројот на жените кои се отворија и се поддржаа една со друга.“

Медиумскиот третман на жените има корен и во менталитетот на стадо, инстинктот да се конформираш на групното однесување, особено кога повозрасни бели мажи од медиумите ги кројат културолошките норми. Да се прашуваат „тешки прашања“ стана опијат за моќ и се рационализираше јавното понижување заради рејтинзи. Наспроти тоа, денес социјалните мрежи даваат да имаш (индивидуален) глас, и луѓето веќе не толерираат.

22 февруари 2021 - 11:07