Неверојатно е што сè се сметало за штетно по женското здравје

„Возови и високо образование оштетуваат матка“ сега ви звучи најглупо на свет, ама еден период луѓето мислеле дека е стварно така. Еднакво им се чинело нездраво за жени и гласањето, а возењето точак мислеле дека создава неплодност. Да го фати човек страв за тоа што сè сме уверени дека е така, а за 50 години некој ќе ни се смее.

Кога железниците почнале брзо да се шират низ Европа и Северна Америка во 19 век, некои лекари предупредувале дека големата брзина, вибрациите и движењето на вагоните можат да предизвикаат сериозни последици кај жените. Некои уште побрилијантни тврделе дека патувањето со воз може да ги наруши менструалните циклуси, да ја намали плодноста или дури да предизвика „поместување“ на матката. И не дека било ова општо прифатено, ама загриженост постоела и продолжила да постои за тоа како модерниот свет влијае врз жените.

Кога почнале да се возат велосипеди, брзо-брзо повторно се загледале во жените. Стравот бил од неплодност, оштетување на репродуктивните органи, дури и „bicycle face“ - трајна промена на изразот на лицето заради напорот вложен за возење.

Имаме прашање. Како тоа точакот ќе предизвика оштетување на репродуктивни органи кај жена, кои се сите уредно внатре, и на кој точно пол му се обратно поставени и поподложни на повреди?

Одговорете си во себе.

Не биле поштедени ниту образованието и интелектуалната работа. Во втората половина на 19 век дел од медицинската заедница верувала дека женското тело располага со ограничена количина енергија. Според оваа теорија, ако младите жени ја трошат на учење и академска работа, ќе остане помалку енергија за репродукција. Универзитетското образование затоа било претставувано како ризик за здравјето и плодноста.

Трчањето, натпреварувачките дисциплини и поинтензивните физички активности биле критикувани со образложение дека можат да го нарушат репродуктивниот систем или да ги направат жените „премногу машки“. Секоја нова технологија и активност била гледана низ призма на тоа дали ќе ги наруши шансите за раѓање.

Современата медицина отфрла сè од ова, а и современите општества. Мачното е што сите знаеме дека и ден-денес, како и тогаш, постојат луѓе на кои овие тврдења им одговараат.

19 јуни 2026 - 11:23