Не ме жалете што сум стара

Колумна на Џули Бурчил за Спајкд.

„Не знаеш што си имал додека не го снема,“ ќе каже старата песна на Џони Мичел - и кога ќе размислам што ми значи мене тоа, не ми текнува на оставениот маж или откачен пријател, туку фразата „Не смеам да мрчам“. Едно време, тоа беше архетипски за старци. Младите го гледаа како доказ за недостаток на внатрешен живот. Но, колку е сега тој стоицизам привлечен, кога се чини дека е некако нечовечки да си ги решаваш проблемите сам, место да ги емитуваш пред индиферентен свет. Особено со оглед на тоа што, како што кажа Бети Дејвис, „Староста не е за плачковци“.

Мислев дека никогаш нема да остарам. Во еден момент, кога се менуваше векот, кога најмногу се дрогирав, знаев да стигнам до топ листи на луѓе што најверојатно ќе се предозираат. Две децении претходно, на мојот 20-ти роденден, се заклучив во бањата и плачев. Ја имав најдено работата од соништата како професионален пишувач на 17 и мислев дека оттаму животот може да оди само надолу.

Една анкета опфаќа луѓе над 65 години со прашање кога околината почнала да ги третира како стари. Повеќето рекле на 62. Фер. Лесно им е на будали 60-годишни да пишуваат дека 60 се новите 40 кога има толку преморени четириесетгодишни растргнати меѓу децата и родителите.

Др. Карол Истон од Центарот за подобро стареење (во Британија) неодамна сериозно изјави дека:

„Никој не станува стар преку ноќ, или итно да се трансформира од личноста што бил претходно - витално е да не се носат претпоставки за некого само врз основа на возраст.“

На сличен начин, Керолајн Абрахамс од Ејџ УК ќе нѐ искара:

Како што стареат луѓето, многу од нив се соочуваат со поинаков третман поради возраста, дали во продавница, на работа, или некое друго место - ова често може да предизвика повреденост или вознемиреност и обично е тотално непотребно.

Поради сето ова ми текна дека една од подобрите работи што ги добиваш со стареењето е перспективата што ја добиваш на проблемите. Дали неприкладни обраќања се пострашни од вистинските проблеми во животот? Не би сакала нас старците да нè храбрат да бидеме навредени снегулки - тоа ни на млади не изгледа добро.

Мислам дека би се смеела ако ми се занесува некој што работи на каса или во кол-центар (наводно тие се најлоши за старци), ама за среќа немам контакт со такви - јадам во ресторани и немам телефон - смееш да бидеш ексцентричен кога си стар. Знам дека имам среќа. Го работам тоа што го сакам, имам брак во кој уживам (трета среќа) и живеам во Брајтон, морето ми е на крај на улица. Правам и сè што треба за посреќен живот - одам во црква, волонтирам... Но, далеку сум од единствена.

Не ги додавајте старците на списокот жртви очајни за сочувство. Ние сме искалени во свет каде што издржувањето беше нормално. Преживеавме Блиц и распад на Битлси, издржавме смирено и продолживме напред.

И кога ќе стигнеш до 60, со поголемиот дел од животот поминат - што ако? Значи дека си имал доволно среќа да ги поминеш драмите од младоста и товарот на средните години и да излезеш цел на другата страна. Помислувам на тоа што го има кажано Хантер С. Томпсон:

„Животот не треба да биде патување до гроб со намера да стигнеш безбедно во убаво и добро очувано тело, туку да се излизгаш во облак од чад и да се развикаш: Леле каква вожња!“

Штета, се самоуби на 67 - да останеше, да одеше во црква и да волонтираше малку, може ќе откриеше дека најдоброто допрва доаѓа.

5 мај 2023 - 00:00