Хети Грин била единствено дете на богатиот бизнисмен Едвард Мот Робинсон, од најбогатото семејство во Њу Бедфорд, Масачусетс каде што се родила. Ја викале и „Кралицата на Вол Стрит“ и „Вештерката од Вол Стрит“.
Од татко ѝ наследила околу 7,5 милиони долари. Кога имала 21 година, се преселила во Њујорк за да инвестира во Вол Стрит и се омажила за уште еден милионер. Ненормалното е што живееле на остатоци од храна од продавници и Грин се расправала за бесплатни коски за кучето секој ден.
Наводно, гаќите си ги сошила и си ги крпела од 16-годишна возраст и до смрт не ги заменила и не купила нови. Има и приказни дека не сакала да плаќа за топла вода и носела еден единствен фустан што го менувала дури откако ќе застарел.
Подоцна, историчарите толкуваат дека била ексцентрична и не се вклопувала во Позлатеното доба, ниту со очекувањата за жените особено во нејзината класа. Иако весниците во тоа време ја сликале како скржава, ставот кон трошењето се отсликувал во инвестициите што ги правела.
Сепак, скржавоста на еден период ја има донесено и до Гинисовата книга на рекорди. На перачката ѝ давала инструкции да пере само одредени делови од фустаните за да заштеди на сапун, а едно од најстрашните обвинувања е дека не се погрижила за повредената нога на син ѝ, што на крај довело до ампутација - не сакала да плати лекар. Ова отпосле е побиено затоа што се пронајдени докази дека се потрудила да го излечи и го носела по специјалисти.
Умрела на 81 година во домот на нејзиниот син во Њујорк. По смртта, „најбогатата жена во Америка“ и „Волшебничката на финансиите“ оставила од 100 до 200 милиони долари (еднакви на денешни 2,7 до 5,4 милијарди) што во тоа време ја прави и најбогатата жена на светот.