Најбогатите тинејџери на ТикТок последнава година собрале милиони долари

Здраво, како сте, како на работа? Напорничко? Ако, нешто мора да се работи. Патем, најгледаните тинејџери на ТикТок се веќе милионери. Ете, така.

Оние чудни кореографии и отворање уста со пуштена песна им носат милиони, додека дури и новинари на Вајс, каде што луѓе би сакале да придонесуваат, огорчено кукаат дека се мачат, додека некој се шутка по дома во хеланки и прави илјадарка во минута.

Ова откритие е инаку од Форбс, каде што се објави листа на ТикТокерите со најголема заработувачка и популарност. Адисон Реј Истерлинг, втората најследена на платформата има најмногу заработено - 5 милиони долари. А ни колегите не заостануваат многу - една шеснаесетгодишна има 4 милиони во последните 12 месеци, сестра ѝ, со 18 има 2,9 милиони, греота. И така надолу оди по список, ама не помалку од милион.

Да се потсетиме, ова се деца - и да сакаат да имаат вложено труд и образование за вам да не ви биде криво - не можат затоа што НЕМААТ ДОВОЛНО ГОДИНИ.

А со оглед на тоа што само што почнуваат, плус добиваат и свое реално шоу, веројатно допрва ќе гледаме до каде можат да одат.

Смејте се вие кога ќе ги видите како изводат, се смеат и тие. Само што кога ќе им се приплаче, нос ќе избришат со пари, како на филм, затоа што им се може.

17 август 2020 - 02:23