Хајп Хаус, највлијателниот инфлуенсерски колектив на ТикТок се луѓето што ќе ги гледаме (ние не, ама ете може некој) на серијата, а некои од нив се (може некое ваше дете ќе ги препознае) Чејс Хадсон, Томас Петроу, Коувр Анон, Ник Остин, Миа Хејворд, Ејнџел Херера, Ондреаз Лопез, Тони Лопез, Меди Монро, Рајланд Стормс… Уште има, ама во моментов ве предизвикуваме да направите пауза од читање, да го завикате потомството од по соби или од двор и да му прочитате, да видите колку од овие му се јасни.
Ќе им го прикажуваат секојдневниот живот, поточно - животот на еден инфлуенсерски колектив што живее во Лос Анџелес и плус како креираат содржини заедно за нивните комбинирани 150 милиони следачи.
Со снимање уште не е почнато, и не се знае кога ќе почне, но има изјава од продуцентите:
„Хајп Хаус е креативна ракета, пилотирана од вредни, бизнис-освестени млади луѓе кои веќе имаат изградено неверојатна публика во која можат да се вклучат и платформи и брендови. За разлика од другите социјални мрежи, ТикТок се потпира на пеење, танцување и глума, и мислиме дека природно доаѓа овие ѕвезди да се спојат со компанија фокусирана на талент. Веруваме дека само небото е граница и за нив и за нас.“
А си доаѓаат со спремна драма, која најверојатно не ве занима: Главната ѕвезда на Хајп Хаус, Чарли Д’Амелио ги има напуштено пред овој ангажман, а да биде бељата поголема, ривалскиот колектив на Хајп Хаус, со еднакво креативно име - Клуб Хаус, исто така се влезени во продукција за своја серија.
Тешко нас.