Надарените деца и „шамарот“ што го добиваат кога ќе влезат во светот на возрасните

Многу деца што од ситна возраст покажале брилијантност ќе ја препознаат сценава: Те носат од мал на некакви средби со психолози, па ти даваат да решаваш задачки, па прашања, па читање наглас, па пишување... И ако премоташ триесет години напред - истите тие деца се сега преморени.

Една ваква приказна, раскажана од авторка која денес поинаку ги гледа работите, почнува токму така: со дете што без многу објаснување оди во канцеларија на непозната жена и извршува задачи што повеќе личат на игра отколку на дијагностика. Години подоцна е јасно - ја однеле на проценка затоа што многу рано забележале напредни когнитивни способности. „Дијагнозата“ е многу супериорна интелигенција и тоа ќе го врами нејзиниот живот до возрасна. На само пет години, читала и разбирала на ниво на значително постари деца со високо развиени способности за апстрактно размислување и јазик.

Во нејзиното детство, оваа „различност“ брзо се претвора во јавна улога. Прво, расте опкружена со книги, енциклопедии и постојано охрабрување да создава. Во семејството и пошироката средина, станува дете кое рецитира главни градови, објаснува биолошки процеси и пишува сопствени приказни. Пред да наполни пет години, пишува над 100 книги - добро, не се традиционално објавени, направени се дома - ама е доволно да привлече локални медиуми кои ја претставуваат како „иднината на литературата“.

Тоа рано етикетирање како „чудо од дете“ носи и награди и притисок.

Па, после и нови моменти: победи на натпревари, одлични оценки, лесно положени приемни испити.

И тогаш - пресврт: Влегува на универзитет и првпат се соочува со средина во која сите се „најдобри“. На есеј добива ниска оценка и е шокирана, затоа што првпат, нешто што е напишано без напор не е доволно добро. Она што некогаш било автоматска супериорност, сега станува просечност во море од други талентирани студенти.

Таа промена не е само академска, туку и психолошка. Авторката опишува како растела со уверување дека грешките се нешто што не треба да постои, па дури и како дете кинела страници ако направи правописна грешка. Во новата средина, таа логика се распаѓа, затоа што првпат, нејзините идеи не се единствени, не се најсилни, не се најоригинални.

Следува период на повлекување и стагнација, типичен за феноменот што денес често се опишува како „burnout кај надарени деца“ - состојба во која раната хипер-валидација создава очекување дека успехот е природна состојба, а не резултат на труд. Кога тој автоматизам ќе исчезне, многу од овие млади луѓе се соочуваат со чувство на губење на идентитет.

Во слични искуства опишани низ психолошки и образовни извештаи, се повторува еден модел - раното когнитивно забрзување најчесто е придружено со силна родителска и институционална валидација, па децата не се пофалени само за тоа што го прават, туку за тоа што се. Со тоа се создава т.н. врзување на идентитетот со перформансот: вредноста на личноста почнува да зависи од постојано високи резултати.

Кога овие млади луѓе подоцна ќе влезат во средини каде што не се повеќе јасно најдобри - универзитети, конкурентни професии, креативни полиња - преминот често не се доживува како нормална промена на контекст, туку како личен пад. Тоа се совпаѓа со пошироки феномени што се опишуваат кај надарена популација: перфекционизам, страв од грешка, ниска толеранција на просечност и чувство на блокада кога надворешната валидација исчезнува.

Заклучокот во вакви ситуации не е дека генијалноста е проблем - проблем е кога се идеализира и се форсира. Така детето се врзува за перформанс, не за процес, па подоцна му е многу потешко да прифати просечност како дел од општото човечко искуство.

15 јуни 2026 - 10:36