Мудроста доаѓа со годините

Колку повеќе години имаш, толку помалку нерви имаш за глупости. На Редит „повозрасни возрасни“ споделуваат „нешта од кои се веќе уморни“ и можеби е ред да се потсетиме. Какви непознати броеви, какви дискотеки, какви токсични познаници, какви бакрачи.

  • Немам време за луѓе што не ме почитуваат. Имам помалку трпение за игнорантност. Не ми е толку гајле за богатство и пензија, повеќе сакам да бркам среќа, што не мора да значи повеќе пари, едноставно среќа. Ако дојдат и пари со тоа, ако.
  • Се уморив од средби по пиљари. Сега сè нарачувам.
  • Имам 80 години и разумно се разбирам во компјутери. Преку глава ми е сè да ми биде на телефон и да барам ствари, да ги спасувам, да внесувам пасворди или да се грижам дали нешто сум избришал. Уште инсистирам на хартиени сметки.
  • Бев во забавен парк и чекав во ред 45 минути за да се качам на вовче. Тогаш имав откровение дека сум надминал забавни паркови.
  • Нова музика. Нема веќе развој на артисти и едвај се наоѓа некој талент и има току МНОГУ музика достапна што не ми личи дека вреди да истражувам уметници, особено кога веќе ги има толку многу што веќе ги сакам.
  • Не прифаќам да не сум блиску до тоалет. Одбивам да се воздржувам.
  • На 20, излегував скоро секој ден. Клубови, танцување, седење до доцна. Сега на 40 само сакам да ми биде удобно по дома, да се допишувам со друштво и да носам удобна облека.
  • Одење на места каде што нема паркинг. Не сакам да кружам по улици 20 минути за на крај да се пикнам во тесен простор со проблематично улично осветлување. Дајте ми паркинг.
  • Пробување одредени работи. Кога бев мал, сакав да пробам сè барем еднаш. Сега нешта како скијање на вода и нуркање не ме интересираат. Светот е доволно голем и има доволно нови активности и интереси што можам да ги бркам, за да немам веќе искушенија за некои други. Делумно ова се должи на зрелоста и подобро разбирање на ризиците и долгорочните влијанија, а делумно е дека си го познавам телото на возраста на која што сум и знам кои му се слабостите.
  • Одам во пензија за четири недели. Преку глава од токсични шефови, патување до работа, облекување за на работа и политики на работно место. Едвај чекам да читам, да слушам и да патувам без распоред. Слобода.
  • Во сред 40-ти сум и секако дека ми недостасуваат придобивките на младоста. Почнуваат нови болки, не можам да јадам сè што сакам и побавно заздравувам. Но, има нешто многу ослободувачко во тоа веќе да не ти е гајле што мислат луѓето за тебе, да можеш да правиш што сакаш и кога сакаш, да пиеш кафе надвор во 6 сабајле додека светот спие, да косиш трева во шорцеви и чорапи и да уживаш со пријатели. Младоста е потрошена на младите.
  • После години летање со авион - и тоа многу, заради работа - избегнувам авиони. Почнав да презирам сè што е поврзано со нив. На пријателите им викам, ако сакате да ме видите, дојдете кај мене.
  • На оваа возраст, удобно ми е да кажам не, без објаснување.
  • Не сакам да правам ништо што не ми се прави. Неодамна имав две неотворени писма што стоеја така на маса еден месец затоа што знаев дека внатре нема ништо со кое би сакал да се справувам.
  • Нема потреба да се држиш за токсичните врски и да се надеваш дека еден ден ќе се сменат. Имам правило со три прекршоци и веќе размислувам да го променам на еден прекршок. Нема потреба ни од драма, ни дебата, ни расправија, само чао.
  • Се ближам до 90 и имам список на работи што ги правев, па ги откачив со годините. Веќе не плаќам напумпани цени да јадам во бучни, преполни ресторани. Избегнувам гужви и ретко возам кола. Веќе не верувам на политичари и не одговарам на непознати броеви. Но, староста има еден куп позитивни страни - можам да си дозволам патување во прва класа. Имам и огромна надеж за моите внуци - сега е нивното време да ја качуваат планината.
11 септември 2023 - 12:34