Брендот на Викторија Бекам се мачи

Дури и францускиот моден ветеран Ралф Толедано се повлекува од брендот во момент кога компанијата се соочува со растечки загуби и сè поизразен притисок да ја претвори естетската приказна во одржлив бизнис.

По осум години на позицијата претседател, Толедано заминува од Victoria Beckham Holdings - потег што доаѓа во чувствителен период за модната куќа која, и покрај растот на продажбата, сè уште не успева да излезе од долгорочна финансиска загуба.

Брендот пријави приходи од околу 112,7 милиони фунти во 2024 година, што претставува раст од 26 проценти, но истовремено, загубите се зголемија на 4,5 милиони фунти и со тоа го продолжија повеќегодишниот негативен биланс, покажувајќи дека растот не значи и профитабилност во исто време.

Толедано, кој претходно ја водеше модната куќа Chloé и беше претседател на Fédération de la Haute Couture et de la Mode, се приклучи на брендот во 2018 година, по влезот на инвестицискиот фонд Neo Investment Partners. Тогаш компанијата доби значителен капитал и беше проценета на околу 100 милиони фунти, со цел да се забрза нејзината трансформација од славен моден бренд, во сериозен луксузен бизнис. Подоцна, дополнителни инвестиции - вклучително и од самите Дејвид Бекам и Викторија Бекам - донесоа уште средства, но и нови очекувања за стабилност и профит.

И покрај тоа, компанијата продолжува да се движи во т.н. „црвена зона“ повеќе од една деценија. Аналитичарите укажуваат дека има раст на модниот и бјути сегмент, но трошоците за градењето на самиот бренд, маркетингот и глобалната експанзија сè уште го надминуваат приходот.

Толедано го опиша своето заминување како „почеток на ново поглавје“, додавајќи дека „резултатите се добри и насоката е јасна“. Сепак, неговото повлекување доаѓа веднаш по заминувањето на поранешната извршна директорка, што отвора прашања за континуитетот во менаџментот.

Брендот на Викторија Бекам отсекогаш бил повеќе од модна куќа - сепак се работи за продолжение на личен имиџ, поп-културна трансформација и внимателно граден луксузен наратив. Токму затоа секоја промена во врвниот менаџмент носи поширока симболика. Тоа што дури ни таа не издржува е слика за несигурноста и немањето ништо свето во сите индустрии. Можеби со гледање на пошироката слика и воените конфликти ширум светот звучи небитно, ама е симптом на несигурното време во кое живееме.

15 април 2026 - 00:00