Дали ChatGPT како психолог и вам ви остава чувство на празнина?

Многумина денес се вртат кон вештачка интелигенција за психолошка поддршка - од разговор за анксиозност, до совети за односи и емоционална исцрпеност. Но едно ново лично истражување на терапевтка која цел месец користела ChatGPT како „терапевт“ отвора едно подлабоко прашање: дали ова навистина помага - или само создава илузија на разбирање?

Психотерапевтката Лорен Вер, која инаку работи со клиенти секојдневно, вели дека на почеток била скептична. Како некој што ја знае тежината на терапевтскиот однос, ѝ било тешко да замисли дека алгоритам може да замени човечка врска, но бидејќи расте бројот на луѓе кои користат чат-ботови за емоционална поддршка, таа одлучила да тестира од прва рака. Истражувања во Велика Британија сугерираат дека голем дел од возрасните, особено помладите генерации, веќе користат AI-алатки за ментално здравје.

Првиот обид не поминал баш „терапевтски“. Вер му објаснила на ЧатГПТ дека се чувствува емоционално исцрпено. Одговорот бил учтив, емпатичен - дури и со емотикон-срце. Токму тоа ѝ создало непријатност: чувството дека нешто нечовечко се обидува да звучи премногу човечки.

Сепак, некои од советите биле практични. Да се направи пауза. Да се одвои време од емоционално интензивни односи. Да се врати енергијата преку природа, креативност и движење - нешта што лесно се забораваат кога човек е во состојба на исцрпеност.

Во текот на месецот, Вер забележала нешто постојано: ЧатГПТ го бива за претворање на сложените чувства во конкретни чекори - ама до тука.

За разлика од човечки надзор или колега, системот не може да „резонира со искуство“. Не поставува неочекувани прашања. Не препознава слоеви од емоции што не се изречени директно. Дава одговори, но не создава однос - оваа разлика станала уште појасна кога Вер го споредила разговорот со ВИ со разговори со нејзини колеги, каде што постои препознавање, контекст и заедничко професионално искуство.

Во некои моменти, ЧатГПТ навистина помогнал, да речеме со брз начин да се смири анксиозност, да се добие перспектива или да се прекине спирала од грижи. Но со тек на време, искуството станало повторливо и емоционално „рамно“.

„Помага да се структуираат мислите, но не да се почувствуваат“, е суштината на нејзиниот заклучок.

Забележува и нешто поважно: за луѓе кои се ранливи, постои ризик да почнат да ја доживуваат ВИ како вистински однос - иако таму нема реална човечка взаемност.

На крајот, нејзиниот заклучок е умерен. ВИ може да биде корисна како брза поддршка, како „прва помош“ во моменти на стрес или збунетост. Но не може да ја замени терапијата, ниту човечката врска што стои зад неа, затоа што терапијата, во својата суштина, не е само совет, туку цел однос, кој бар засега не може да се симулира целосно.

15 април 2026 - 00:00