
Сега ни бројат и таму вени, брчки и ситни промени што досега никој не ги есапел. Феноменот има име, нормално, за да се постила по наслови во медиуми што после ќе ни шиткаат средства - „old lady hands“. Звучу смешно, а всушност зад него веќе расте цела индустрија - креми со познати состојки што досега ги стававме на лице, ЛЕД маски за раце, па дури и хируршки интервенции за враќање на волумен. Не е невидено и нечуено - го знаеме тврдењето дека лицето можеби ќе го „средиш“ ама рацете и вратот издаваат (вратот може го чуваат за крајот на декадата, не знаеме).
Таблоидите веќе со години прават од тоа спектакл: рацете на познати жени се фотографираат, споредуваат, анализираат како да се детектор за возраст и јавен доказен материјал, од Џоан Колинс до Мадона и Сара Џесика Паркер. И одеднаш, нешто што било чисто функционално - средство за работа, готвење, допирање, пишување - станува естетски објект.

Индустријата реагира експресно. Кремите за раце не се само за хидратација, сега се мини верзии на серуми за лице - па ретинол, па витамин Ц, па хијалуронска киселина, па колаген. Има и со ПДРН - состојка извлечена од ДНК на лосос, популарна во корејската козметика. Пакувањето исто така се менува: сега кремите добиваат отмен, или занимлив дизајн - како да се за покажување, за сликање, за статус-симбол (затоа што ги има и од стотици евра).
Ако козметиката е првиот чекор, технологијата и медицината се вториот.
Постојат LED ракавици, уреди со микроструи, гел ракавици за ноќна нега. А на повисокиот крај на спектарот - ласерски третмани за пигментации и хируршки „fat transfer“ процедури, каде масно ткиво од друг дел на телото се инјектира во рацете за враќање волумен.
И прашањето се наметнува само од себе: дали ова е научен напредок - или ново поле за комерцијална експанзија врз несигурности што дури неодамна сме почнале да ги гледаме?
Некако личи на второто. Никогаш не било во ред да ги занемариш рацете и остатокот од телото, кога веќе негуваш лице. Ама дека ќе нè мачат со инфрацрвени пластики како „маска за раце“ - најверојатно ќе.