Можеш ли да бидеш блажено несвесен за сопствениот стрес?

„Пред некој месец, мајка ми ми кажува приказна со која не знаев како да се однесувам. На нејзиниот последен систематски преглед, кога ја прашале дали е под стрес, кренала раменици: ‘Не, не баш,’ рекла. И потоа, затоа што е муабетчика, почнала да му раскажува на докторот за разни секојдневни работи - за проблемите со здравје на мајка ѝ и свекрва ѝ, за свадбата што ја планира за едно од децата, за секирациите околу работата на друго од децата. И на крај, после кратка пауза, рекла, ‘Уствари, па да, под стрес сум.’”

Вака Кари Ром ја отвора статијата за Science of Us, на тема: Дали е можно да не сме ни свесни дека сме под стрес?

Затоа што, веројатно ќе се согласите, таа потсетува дека кога сме под стрес, ги проаѓаме тие минути и саати активно свесни дека сме под стрес. Се маринираме во стресот. Се бањаме во него. Да биде човек несвесен колку е под стрес звучи ненормално, и истовремено ненормално прекрасно, да ѝ позавиди човек на онаа жена од погоре - плус тешко е и да се замисли.

За да се одговори на прашањето од насловот, од помош ќе биде прво да се дефинираат термините, според Џесика Пејн, когнитивен невронаучник и раководител на истражување за спиење, стрес и меморија, или Sleep, Stress, and Memory Lab. Стресот, како што ќе објасни таа, стресот не е состојба на умот колку што е биолошка реакција: стресерот - што може да е настан или мисла, нешто вистинско или замислено - активира нешто што се вика хипоталмусна хипофизна надбубрежна оска (ај кажи го брзо), мрежа што го врзува нервниот и ендокриниот систем, за да го произведе хормонот на стрес кортизол. Значи, нешто е стресно кога ќе ја предизвика оваа биолошка реакција.

И, бидејќи окупирање на едно човечко тело е богато и разнолико искуство, сите реагираме на тоа повишување на кортизолот на различни начини. „Стресот обично си наоѓа каде да излезе,” вели Пејн. „За некои е несоница, или испрекинато спиење. За други е проблеми со стомак. За трети главоболка. И колку што можат да се разликуваат физичките контраиндикации, толку можат и психичките.”

Дали е човек ќе биде свесен за стресот зависи од повеќе фактори, според Пејн - карактер, воспитување, па дури и генетика. Многу невротични луѓе, на пример, имаат тенденција повеќе да поминуваат време со нивните негативни чувства, па според тоа обично го држат стресот таму каде што можат да го видат - односно, цело време се свесни за него. Луѓето растени во семејства каде што чувствата не се дискутирале многу, може да имаат поголема тенденција да го поттиснуваат стресот и да се движат наоколу како сè да е во ред.

А на крај, има луѓе кои не можат свесно да го препознаат стресот затоа што немаат емотивен вокабулар за него, или пак добро наштимана свест за нивната внатрешна состојба. „Ако не можеш нешто да означиш,” вели Пејн, „тешко е да го искусиш.” Кога се работи за препознавање и артикулирање што имаш во глава, некои луѓе едноставно ги бива повеќе од другите. Некои пак, до толку не ги бива, што има и термин за тоа: алекситимија, или неспособност да ги дефинираш сопствените емоции (јеее, научивме ново!). На другиот крај на спектарот се луѓе под термин емотивна грануларност, со способност да преведат одредени чувства во зборови со „високо ниво на комплексност”.

Иако можеби ќе ви се чини дека супер да може човек да го одвои стресот и да го стави во ментална фиока, па да може комплетно да се фокусира на него или да го игнорира, ниедна од овие варијанти не е здрава, според Пејн. Од друга страна, да зборуваш за тоа што те мачи е доста ефективно во однос на смалувањето на нивоата на кортизол - само не треба да преминеш од зборување во, оној одличен термин од погоре - маринирање.

Како и за сè, треба умереност.

И разговор. Во пристојни количини.

7 септември 2018 - 13:43