
Добро, Диор е супер, големите везени ташни се супер, тоа не е спорно.
Посупер е да ти биде мирно.
Највредната работа повеќе не е нешто што можеме да го покажеме пред другите, туку првото што ни паѓа на памет кога сме преморени и престимулирани: време, мир и тишина.
Како да не биде? Светот и денот ни е исполнет со нотификации, пораки, состаноци, вести, постојана достапност, лоши вести, лоша политика, уште достапност, уште барања, услуги и против-услуги, средби што не ги сакаш ама „нема смисла“ - списокот на глупости е бескраен. Во однос на тоа, како ви изгледа мирно утро без телефон, попладне без обврски, или дом што нема постојана бучава?
Трендот се познава по начинот на кој луѓето почнуваат да размислуваат за живеењето. По години во кои успехот се мереше според брзината и според тоа колку работиш и колку постигнуваш, се појави желба за побавен и посвесен живот. Не е случајно што концептите како „slow living“, дигитален детокс и минимализам добиваат популарност - сето тоа е реакција на заморот од модерниот начин на живот. Луѓето бараат и да биде просторот убав, и да биде таков што одмора ум и тело.
Психолозите одамна предупредуваат дека постојаната изложеност на стимули може да влијае врз концентрацијата, нивото на стрес и способноста вистински да се опуштиме. Мозокот не е создаден постојано да обработува нови информации без пауза.
Затоа тишината станува простор за размислување, креативност и повторно поврзување со себеси. А со оглед на тоа колку треба да станеме вешти во наоѓање и чување на таа тишина - излегува дека сепак е меѓу најголемите луксузи на светот.