„Били Џин“ го испушти последниот здив во Медицинскиот центар „Роналд Реган“ на UCLA во Лос Анџелес, Калифорнија, на 25 јуни 2009 година, откако доживеа срцев удар во изнајмена куќа во градот.
Неполн месец пред тоа, Џексон договори 50 настапи во лондонската О2 арена, што ќе беа неговите први живи настапи после 12 години. Не успеа ни првиот да го изведе.
Неговата смрт се припишува на акутна интоксикација со пропофол, седатив што речиси една деценија го користел како средство за спиење. Неговиот личен лекар, д-р Конрад Мареј, беше осуден за убиство од небрежност заради давање на фаталната доза и на крајот отслужи две од четиригодишната затворска казна.
Тоа било само еден од проблемите. Обдукцијата на Џексон откри серија сериозни здравствени проблеми, од кои некои успешно ги криеше од јавноста. Таа обелодени катастрофална здравствена цена што ја платил со злоупотребата на супстанци.
Пензионираниот форензички патолог д-р Ричард Шеферд, кој ја има правено обдукцијата на принцезата Дијана и на жртви на терористичките напади на 11 септември, ги анализирал резултатите од обдукцијата на Џексон која открива не баш гламурозни детали.
„Косата на Џексон не е негова, тој носи перика. Залапена е со полутрајно лепило и има некои ретки делови од неговата сопствена коса на страните и на задниот дел од главата. Неговиот скалп ја открива причината за ќелавоста. Има цел дел со лузни лузни на горниот дел од од главата“.
Тие лузни се од инцидентот за време на снимањето на рекламата за Пепси во 1984 година, кога пиротехнички дефект му ја запали косата, оставајќи го со тешки изгореници од втор и трет степен, поради што морал да користи перики до крајот на животот.
Инцидентот, исто така, предизвика зависност што на крајот ќе се покаже како фатална. Додека се опоравувал од повредите, тој развил зависност од лекови против болки, а со текот на времето станал зависен и од седативи, алкохол, лекови против анксиозност и морфиум.
Најдискутираниот дел од неговиот изглед беше кожата а тој постојано ги побиваше гласините дека намерно ја избелувал кожата, инсистирајќи дека неговиот блед тен е резултат на ретко медицинско нарушување.
Обдукцијата го потврди ова. Му недостасувале меланоцити, клетки што произведуваат меланин, односно пигмент.
„Без нив, кожата е бледа“, вели докторот кој вели дека тоа не ја исклучува можноста Џексон да одел на некакви третмани за кожа, што сугерираат и големите количини Бенокин на местото на настанот, моќен лек за депигментација препишуван за тешки случаи на витилиго за трајно елиминирање на преостанатата боја на кожата.
Поголемиот дел од неговите органи биле во пристојна состојба за некој во 50-ти години, освен белите дробови кои докторот ги опиша како „бојно поле“ со воспаленија и лузни.
Претпоставка е дека овие проблеми доаѓаат од лупусот кој го имал, автоимуна болест кој носи оштетувања на кожата, косата, ноктите но и внатрешните органи. И неговата навика да носи чадори веројатно се должи на тоа, бидејќи лупусот ја прави кожата ултра чувствителна на сончева светлина.
Обдукцијата дополнително покажала дека Џексон имал зголемена простата што значи почесто мокрење. За преку ноќ да не станува „онаму каде што и кралот оди пешки“ (буквално), користел тн „кондом катетер“, неинвазивен надворешен уред со кеса, кој се користи за да собира урина кога мочниот меур се празни нормално.