И ова си личи на тие бизарни режии на модно шоу, само што, една манекенка без тоа воопшто да биде најавено за новинари, ги крена дланките и покажа напишано
„Менталното здравје не е мода.”
Манекенката, Ајеша Тан Џонс подоцна објави и видео од ревијата на Инстаграм.
Изјавата:
„Како уметник и модел кој искусил битка со ментално здравје, како и членови на семејството и сакани луѓе што се бореле со депресија, анксиозност, биполарност и шизофренија, сметам дека е бесчувствително огромна модна куќа како Гучи да користи ваква иконографија како концепт за моден момент што утре ќе го нема.
Невкусно е што Гучи користи лудачки кошули и комбинации кои алудираат на ментално болни пациенти, додека ги движат на лента како месо во фабрика.
Да се презентира таква борба како реквизит за продавање облека во денешната капиталистичка клима е вулгарно, неимагинативно и навредливо за милионите ширум светот што страдаат поради ваквите проблеми.”
Одбраната на ревијата доаѓа од манекенката Хари Неф, која тврди дека се работело за „провокативен потсетник на потчинетост, а не на гламоризација на лудилото.”
Креативниот директор на Гучи, Алесандро Микеле на прес-конференција подоцна изјави дека размислувал за „човештвото и униформите. Униформата е нешто што те блокира и те врзува.” Според него, лудачката кошула е „највисоката форма на униформа.”
Да биде бељата поголема, ова им беше прва ревија после проблематичната со џемперот што личеше на „блекфејс”. Од тогаш имаат вработено одговорно лице за диверзитет, па се очекуваше нешто безбедно и неконтроверзно.
Како упорно успеваат да потфрлат, никој не знае.