Мажите ако може да пораснат, фала

Некаде меѓу бумерите и денешните нежни миленијалци, се појави огромна бројка на незрели мажи

За себе би рекла дека сум повеќе #MeNeither отколку #MeToo. Ги презирам тие самобендисани, контрапродуктивни наративи на новиот феминизам. Жените треба да се опремат со самодоверба и опипливи вештини, не да се третираат како жртви на општеството. Се помага една култура на цензурирање и нарцисоидна интроспекција. Не е ни чудо што менталните болести достигнуваат врв во моментов - нашава ера е ера во која и немањето „проблем“ е проблем само по себе.

Истовремено, ревносно бранам мажи. Пораснав како половина од едно динамично дуо со мојот постар брат. Одев и во машко школо. Супер ми беше во таа заедничка просторија главно составена од машки каде што проблемите се решаваа со тупаници, наместо макијавелистички, препредени битки меѓу адолесцентни девојчиња.

Фиксации на ствари од типот на „машко седење“ (нели, обично седат со раширени нозе) и ужасниот концепт на „токсична машкост“, доаѓаат заедно со високи стапки на самоубиство кај мажите, телесна дисморфија помогната од Инстаграм и академската недокваканост на момчињата од средната класа. А постои и нова навреда - ‘gammon’ - што налага дека огромен дел од машката популација е естетски и интелектуално инфериорен - а тоа вклучува и луѓе како нашите татковци, браќа и слично.

Но, во 36 години на планетава, од кои 20 поминати во врски со спротивниот пол - сфатив дека има уште еден сериозен проблем кај мажите.

Детемаж.

Менчајлд.

Некаде меѓу бумерите и денешните нежни миленијалци, се појави огромна бројка на незрели мажи.

Еднаш оставив полнач за телефон кај еден тип со кој што се гледав. Живееше многу блиску до мене и не ми враќаше на пораки и повици - типичен кукавички начин на однесување кај таквите мажи. Кога го прашав дали може да дојдам да си го земам полначот, ми се потсмеваше и ми рече дека „го замарам“. Имав нула интерес да го видам, само сакав да избегнам да давам пари за нов полнач, кога можев за 5 минути да си го земам мојот.

Ова може ви се чини тривијално и еднократно. Но, сум имала секакви глупави искуства со миленијалци, од напад, до поранешен партнер што лаже дека забременил некоја жена, за да успее некако да ми изм‘кне пари од заштедата.

Стравот ми е дека културата на 21-виот век помага мажите да се инфантилизираат и тоа се враќа со вакво лошо однесување. Веќе не се зборува за одлични татковци, сопрузи и браќа. Наместо тоа, од нас се очекува да вреднуваме опседнатост со себе, себепромоција и поставување на себеси како приоритет. Машката адолесценција продолжува многу долго после младоста. И не сакам да кажам дека мажите што не се во врска или се без деца се помалку вредни; поентата е дека помалку мажи имаат амбиција за исполнат „традиционални улоги“. Вредностите за машкост што порано важеле за нашите дедовци ги има сѐ поретко, дури и се сметаат за патријархални.

Уште еден проблем е што снемува пристојни машки примери. Последна надеж можеби беше Принцот Хари, ама наместо да ја поздравиме неговата посветеност кон сопругата, го распнавме.

Делумно, ми се чини дека ќе се појави и еден елемент на самокорекција, како што ќе се учат следните генерации од тие што им претходат. За Генерацијата З веќе се зборува дека е поприбрана, неопседната со алкохол и секс без обврски како генерациите пред нив. Наводно, после нив, генерацијата ќе се вика Алфа. Но останува да видиме дали ќе ги оправдаат високите стандарди што ги навестува името.

Ни треба промена на наративот. Мораме да го надминеме тој ригиден поглед на жената како жртва и мажот како агресор.

-Александра Филипс, за Спајкд Онлајн

26 февруари 2020 - 12:54