Мажи не добиваат вакви прашања

Како што вели Вивика А. Фокс, не мора да си биолошка мајка, за да имаш, или да сакаш деца.

На видео што шета по ТикТок, се гледа како 57-годишната актерка Вивика А. Фокс одговара на прашања од фанови на одреден настан. Некој од публиката ја прашува дали некогаш размислила да посвои дете за да „биде мајка и да остави нешто зад себе“, на што Фокс внимателно одговара дека не гледа на себе како жена без деца.

„Имам шест кумчиња. Не размислувам дека ако не сум родила деца дека немам деца. Кума сум на шест деца и не се чувствувам неисполнето како жена. Точка. Само треба да поминам едно попладне со нив,“ се шегува на крај, а публиката се смее.

Фала богу овде не завршува објаснувањето, затоа што за жал, сè уште треба да се објаснуваме вакви работи - кажа дека иако сака деца, немала свои затоа што не запознала човек со кој посакала да започне семејство, иако била блиску до тоа.

„Обожавам деца. Ве молам не ме сфаќајте погрешно, апсолутно обожавам деца. Во мојот живот изборот беше меѓу кариера и деца, а јас никогаш не запознав маж со кој сакав да имам деца. Не запознав. За малку ќе ја направев таа грешка и три месеци претходно моето семејство ми рече „Не! Никако!“ и тогаш изгубив многу пари и капари, но им верувам,“ рече таа, веројатно алудирајќи на врската со промоторот на клубови од Атланта, Омар Слим Вајт, со кој ја откажаа венчавката во 2011.

После ова следеше заслужена подршка од фановите, со коментари што уште по еднаш кажуваат дека совршено е океј да немаат сите деца, дека децата не се потреба, и уште една непријатна вистина:

„Буквално никогаш немам начекано маж да добие вакво прашање“.

16 декември 2021 - 07:02