Не е тоа што мислите.

Мајки во порно

Жени вработени во порно индустријата споделуваат искуства за балансирање меѓу мајчинството и кариерата.

Во 2017, фотографката Мери Бет Коет изнајмува кола и вози од Њујорк Сити до Едисон, Њу Џерси, да ја посети конвенцијата за еротски уметности, Егзотика Експо. Целта ѝ е да запознае мајки што работат филмови за возрасни, за да проба да добие одговори на некои прашања што ги има во врска со нивниот живот. Како балансираат мајчинство и работа? Како ги третираат на родителска?

Таму ја запознава актерката Емили Мина, мајка на тригодишно девојче и бремена со машко. Коет ѝ ја кажува идејата и Мина се воодушевува. Како и многу нејзини колешки, на работа го крие нејзиниот живот. Но, сепак, каква цена плаќаат овие жени и нивните семејства, кога главно, општеството ги гледа само од една перспектива?

„Нивните животи се комплицирани како и нашите,“ вели Коет. „Благодарна сум им што ми доверија дел од животот кој, на работа го чуваат во тајност.“

Тифани Брукс, 31, со син од една година, Далас

Не планирала да се врати на работа во индустријата за возрасни откако станала мајка. „Ама правиш тоа што мора,“ вели таа. „Откако го родив, сфатив дека сум самохрана мајка, и како да заработувам сега?“ Воопшто не ѝ се допаѓала идејата син ѝ да оди во градинка додека таа е на работа од девет до пет, и без разлика што признава дека работата со порно знае да биде тешка и помалку плаќаат од порано, распоредот дозволува да поминува повеќе време со нејзиниот син дома. „Вака можам да бидам мајка-домаќинка,“ вели Брукс. „Тој ми е буквално сѐ во животот. Сѐ што правам се врти околу него.“

Враќањето на снимање со тело кое поминало низ бременост било предизвик, емотивно и физички: „Сѐ што не сакаш кај себе е под лупа,“ вели таа. Мислела дека луѓето нема да забележат дека родила. „Цело време се секирам за тоа кога ќе се соблечам пред камера. Ги гледам реакциите на луѓето.“ Кога син ѝ ќе порасне малку, Брукс сака да проба поинаква кариера. Во меѓувреме, вели, „Истиот момент кога камерата ќе престане да снима, повторно станувам мајка.“

Макејла Кокс, 35, со седумгодишна ќерка, Лас Вегас

Макејла вели дека ќерка и е многу популарна во школо. „На сите им е најдобра другарка, полна е со енергија.“ Распоредот им е полн со роденденски забави на нејзините соученици. Конекцијата со другите мајки варира: некои не сакаат ништо да знаат за нејзината работа, некои се поотворени. А Кокс не сака баш ќерка и да ја лаже за работата. „Ќе расте знаејќи,“ вели таа. „Ќе биде општо познато.“ Вели дека е тешко е да се биде самохрана мајка и сон ѝ е да се преселат во Лос Анџелес, каде што би купила куќа на плажа и со ќерка ѝ би живееле како хипици.

Камерон Канела, 24 и нејзиниот новороден син, Лас Вегас

„Сите мои пријатели и цело мое семејство знаеја дека сум одлучна да немам деца,“ се сеќава Камерон Канела. „Не сакав да бидам мајка, не ни сакав деца воопшто.“ Сепак, кога открила дека е бремена, нејзината прва реакција ја изненадила. „Мислев дека ќе реагирам со ‘што е оваа пијавица во мене? Ја нејќам.’ Но, веднаш се почувствував поврзана.“ Раѓањето на синот открива нова страна на Канела што нејзе не ѝ е позната. Смета дека искуството ја направило позрела и ѝ го сменило ставот кон работење порно. „Претходно, го прифаќав она што бев во индустријата за возрасни и не ми беше гајле што мислат луѓето. Си викав, таква сум, тоа е, ова сакам да го работам. Сега ми се допаѓа да оставам поконзервативен впечаток. Тоа ми е најголемата транзиција, што сфатив дека имам комплетно нова страна.“

Канела не е сигурна околу плановите за иднината. Во школо секогаш ја бивало за бројки и сакала да стане сметководител. Се смее кога се спомнува колку е здодевно да се биде сметководител затоа што мисли дека има потенцијал таа кариера да биде возбудлива. „Дури и психијатарот го знае само тоа што ќе му го кажеш,“ вели таа. „Ама сметководителот знае каде ги трошиш парите. Ти ги знае најдлабоките и најмрачните тајни.“

Емили Мина, 25, со четиригодишна ќерка, Феникс

„Јас сум шофер,“ вели Емили Мина, поистоветувајќи го секојдневниот живот на една мајка со животот на еден шофер. Ќерка ѝ после школо оди на фудбал, гимнастика, пливање и понекогаш на танцување. И кога Мина ќе ја собере ќерка ѝ од школо, веднаш ја носи на некоја активност, оди дома да направи вечера и помага со домашната. „Сакам да ѝ читам пред да заспие,“ вели Мина. „Животот ми се врти околу неа. Тешко е, ама уживам. Скапо е, но гледам на тоа како на долгорочна инвестиција. Децата да бидат активни и инволвирани во заедницата и во школо за да не бидат на улица.“

Мина се разведрува кога зборува за ќерка ѝ, опишувајќи ја како опасна, енергична, опуштена, мила, дрдорлива и паметна. За време на фото-сесијата, Мина е бремена седми месец со машко бебе. Набрзо после тоа, другарките и семејството ѝ приредуваат забава пред породување. „Со сопругот сме многу возбудени,“ вели таа. „А ќерка ми се радува што ќе биде голема сестра.“ Сонува да работи во мејнстрим филмови и телевизија, но размислувала и да полага за медицинска сестра. „Да работиш во индустријата за возрасни малку ти штети, па којзнае. Не ми е гајле што зборуваат луѓето за мене. Само не сакам тоа да влијае на моите деца. Само тоа ме интересира.“ Се надева дека децата ќе ѝ бидат „вистински среќни, успешни, здрави и дека ќе знаат дека светот ним им припаѓа. „Можат да постигнат сѐ што ќе им падне на памет.“

Ники Хантсмен, 26, со деветгодишна ќерка, Колорадо Спрингс

Ќерката на Ники Хантсмен на светот доаѓа порано и останува на интензивна нега за новороденчиња неколку недели. Кога ги пуштиле, ги пуштиле со боца за кислород што ја користела уште еден месец. „Многу бев опседната и заштитнички настроена кон неа кога беше многу мала,“ се сеќава Хантсмен. „Сега кога е голема, ѝ давам повеќе простор.“

Кога Ники била мала, била во извидници, драмски клуб и учествувала на натпревари за таленти. „Бев многу активна и ќерка ми на некој начин ги следи моите стапки и тоа е супер,“ вели таа. Нејзината ќерка сака да црта и да слика и од неодамна оди на карате. Самата Ники посетувала курс по мешани боречки вештини претходната година. „Не дека сум професионалец, ама можам да се заштитам, што е најважно.“ Мајчинството ѝ дошло природно и лесно ѝ било да ги интерпретира потребите на ќерка и. „Кога ја родив, автоматски знаев што правам,“ вели таа. „Понекогаш едноставно знаеш дека си створен за нешто.“

9 март 2020 - 13:53