Како фати феминизмот да се развива и во потребни и во погрешни правци истовремено, не е ни чудо што денес имаме жени што истакнуваат дека не се феминистки, што е контраинтуитивно затоа што работа имаме уште. Затоа е и пораз кога некој ќе седне зад волан и ќе нè однесе во провалија од која е многу тешко да се изведе.
Минатата година го добивме #MeToo, движење кое од потребно, премина во лов на (машки) вештерки, па и по некоја женска што ќе се осмелеше да каже „не претерујте.” Набљудувано од денешен аспект, #MeToo помогна да се спречат одредени свињи, па се искористи за да се израмнат сметки со некои што баш и не биле толку свињи, па замре, па се подели на тренд „мораме уште да работиме” и тренд „ова е веќе демоде”, па се врати назад во еволуирана форма да таргетира повторно реални свињи (селебрити фотографи што бараат разголени фотографии и фотосесии од анонимни девојки), па сега сме некаде... до една освестена точка, веројатно? Поточно, ние не, вака локално. Ние имавме едно #СегаКажувам, кое што баш и не заврши некоја посебна работа на начин на кој глобалното #MeToo го направи тоа - реалните потресни сведоштва се изгубија меѓу плејадата „чудно ме погледна” и „зошто морам да се соблечам за операција”, па брзо се покажа дека беше многу поблиску до „и ние имаме” отколку прогресивно движење за заштита на жените во Македонија, за жал. Имиња не се кажаа, насилство и малтретирање сè уште не се осудени најстрого, ама најстрого што може од општеството и органите, па излегува дека стварно - имаме уште работа. Ни требаат уште гласноговорници, дебати, јавни дискусии, построги закони и повеќе заштита.
Нејсе, интересно е да се види како неколку млади жени со спротивставени ставови гледаат на денешната состојба на феминизмот. Ќе забележите дека секоја од нив е претставничка на групација жени какви што сме виделе и какви што познаваме (таа што малце треска глупости, таа што јасно знае што кажува, таа што зборува колку да каже нешто, да не е без ич, таа што не очекуваш да каже такви работи, таа што резонира ретко, ама мудро, итн.). Има црнкиња што гласа за Трамп и го брани за пуси-грабинг, Еврејка што не чула за „правење неважечко ливче”, феминистка што е про-лајф, а помеѓу - многу паметни жени што е фино да се чујат и да се размисли денес на пример, за нешто попаметно од најновата политичка-естрадна глупост.