Кога веќе давате пари за ЕрПодс, барем чувајте ги во Луи Витон

Фацинантно непотребни предмети ни се омилена категорија овде.

Ги имавме гадните патики, кесата, спајалицата, кесите за сувенири, бумерангот, ама сега го имаме и слаткото, ултра-скапо до безобразлук - кутивче за чување исто така скапи - безжични слушалки.

Јес.

Значи мало е, го има монограмот, креирано е специјално за ЕрПодс, а последната верзија доаѓа и со нивна верзија на ЕрПодс од 995 долари.

Коментарот на една онлајн публикација е следниот:

Од една страна, има нешто дистинктивно будалесто во идејата да потрошиш пари на таков непотребен додаток со чувство на максимализам и луксуз синонимни со монограмот на Луи Витон. И благодарение на природата на технологијата и тајниот, злобен план на Епл да ги испраќа во заборав досегашните негови производи секоја година - тешко дека ова е безвременско парче.

Од друга страна, нели бе и самиот концепт на ЕрПодс е од старт будалест? Признајте дека сте виделе човек што ги носи и сте превртеле со очи. Овие слушалки се современиот одговор на Битс бај Дре од пред 10 години, како еден вид курчење пред обичните слушалки за обични смртници. Да бидеме реални, ако веќе ве чешкале парите за ЕрПодс, неподносливоста можете да си ја однесете уште подалеку - со пригодна, прескапа кутија за нив.

Цена уште немаме, ама, и тоа ќе биде - па да видиме кој наш инфлуенсер прв ќе го стави кутивчето, божем заборавено на маса додека си го слика кафето - без разлика што може ќе биде од АлиЕкспрес.

24 ноември 2019 - 20:35