Дали Димна Васалија е Саша Барон Коен на модниот свет сè уште не знаеме, ама дека е зрело за сомнеж - е. Прво беше Икеа ташната. Па Крокс. Па уште нешто. Сега е обична торба со мотиви од Њујорк што се купува по дуќанчиња на аеродромот ЏФК и околу Тајмс Сквер. Украдена скоро до детаљ и со цена од 1950 долари.
Веројатно со синдром на моден бог, не му ни текнува дека ќе добие тужба. А добива. Оштетената компанија, City Merchandise поднесе тужба во петокот, со право тврдејќи дека „едвај се разликува” нивниот (грд) производ со на Баленсијага (исто така грдиот производ).
Ова секако дека не е ново, бидејќи позајмувањето концепти, па и дизајни се случувало и порано, а од тоа живее и Diet Prada. Одново контекстуализирање на „ниската култура” во високата мода е едно од доминантните естетски расположенија во моментов: прозаични секојдневни парчиња нонстоп се претвораат во нови визии за луксуз, терајќи го светот одново да размисли за статусот и на едното и на другото.
Во надеж дека последниов случај ќе стави крај на тоа, заклучокот останува дека оваа појава носи важни прашања околу фетишизацијата на секојдневни, обични референци. City Merchandise е фирметина што снабдува преку 100 градови во Америка со сувенири и туристички тракатанци, но што правиме со луѓето што купуваат од кај нив? Дали присвојувањето на „обичното” е всушност експлоатирање на обичните луѓе? И дали е ова ингениозност, или чиста заебанција?