Луѓето зад Diet Prada конечно се отворија

Инстаграмот Diet Prada е еден супер феномен, веќе етаблиран на модната сцена, дури и функционира како контроверзна сила за промени во индустријата. Симпатично е да се мисли дека еден голем дизајнер, за уште поголем бренд со страв отвара Инстаграм, молејќи се да не го закачи Diet Prada - тајновитиот, остар Инстаграм профил веќе некое време покажува со прст на лажњаци, реплики, копирачи и наводни омажи.

До крајот на минатата година, дел од атрактивноста на профилот беше што никој не знаеше кои се всушност Diet Prada. Но, скоро четири години откако ја фатија модната индустрија за јајца, излегоа во јавност и имињата на луѓето зад профилот: Тони Лиу и Линдзи Шулер. Откако ги откри Fashion Law се тивки, но пред некое време конечно одлучија јавно да прозборат.

Во ексклузивно интервју за Business of Fashion, откриваат дека акаунтот почнал како шега, додека работеле заедно како истражувачи. Наскоро сфатиле колку многу од колекциите што ги анализирале се позајмени, или со алузија или апла украдени од некој друг. „Скроз беше за заебанција,” вели Линдзи за во интервјуто.

Од скромните почетоци - првата 1000-ка следачи ја добија во ноември, 2016-та - скоро две години откако го прават профилот стигаат до половина милион „диеталци”. Сепак, тоа им е за чепкање на страна: Тони има машка колекција облека, а Линдзи има консултантски бизнис.

Кога се работи за тоа зошто чекале скоро една година откако ги разоткрија пред да прозборат јавно, велат дека како и сè друго во животот, и тоа е прашање на тајминг. „Се ближеше времето кога ќе требаше да признаеме,” вели Линдзи. „Идеално, би сакале ова да го направиме бизнис,” додава Тони. „Ќе биде полесно да го направиме тоа ако ставиме и лица до името.”

Се опишуваат како „двајца луѓе со мислење”, и се баш една свежина во ерата на лажните вести. Велат дека сакаат да останат сосема искрени, затоа што многу голем дел од мејнстрим медиумите сега го прават токму спротивното. Во интервјуто го објаснуваат и името, избрано во чест на Мијуча Прада, „оригиналот над сите оригинали” и диеталната кока-кола, односно „оригиналниот имитатор”.

Сепак, само затоа што се појавиле во јавност, не значи дека ќе бидат попристојни. „Нам ништо не ни е свето,” вели Тони. „Не знам зошто индустријата толку се штити. Во секоја друга индустрија, луѓето зборуваат што сакаат и треба да биде така и во модата.”

„А не сме ни безобразни,” додава Линдзи. „Ич не сакам да кажувам ‘само сме искрени!’ Но, знаете како е.”

29 мај 2018 - 23:11