Шанел извади бумеранг, и сега некои луѓе се длабоко навредени

Дрвениот бумеранг со логото на Шанел, кој чини 1300 долари е предмет на расправа за вреѓање на домородна австралиска култура. Дали ви се верува?

Прво, да ги изнесеме бизарните факти на целава приказна. Шанел не само што има гардероба, парфеми, козметика и обувки, има и рекети за тенис, топчиња, и многу други фини глупости, меѓу кои и сега бумерангот.

Бумерангот е фино направен, дрвен, делумно обоен црн, има лого на Шанел и вреди колку четири просечни македонски плати. Претставува сосема непотребна дребулија, измислена за богаташи што по секоја цена ќе купат сè што ќе извади Шанел, особено вакви безобразни колекционерски парчиња што служат хранење на фешн фрикови кои апсолутно имаат право да го имаат, ако си го купат од чесно заработени пари.

Кај е проблемот? Социјалните мрежи, CNN, TMZ и еден куп други, збеснаа затоа што пласирање на овој бизарен бумеранг на пазарот значи непочитување на австралиската домородна култура која го измислила.

Ах, кога можеа на Лу Рид да му се закачат за Walk on the Wild Side, заради „вреѓање на трансродовата заедница“, зошто па таа загрижувачки брзо растечка бројка на душебрижници да не се закачи и за оваа глупост?

„Крадењето култури достигнува ново дно, се надевам дека дека Шанел ќе го донира профитот на непривилегираните домородни заедници“, одважно ќе проџвака еден американски Твитер корисник, откако сигурно ја донирал сопствената плата во резерват со непривилегирани индијанци.

Лудилото стигна толку далеку, што новинари му се натнаа и на Џефри Стар, еден од најпопуларните Јутјубери за шминка, мода и козметика со 4,5 милиони следачи, што си го купи и го покажа на Снапчат.

Џефри вика, „Не ми се верува дека ме следеа на аеродром да ме прашаат што мислам, дека TMZ напиша цела статија околу тоа прашање, и дека ќе настане ваков циркус. А бидејќи јас не сум „едукатор за бумеранзи“, решив да гуглам и на пример, Волмарт ги продава со години за 10 долари. Таргет и Тојс Ар Ас исто. Зошто никој никогаш не го коментираше тоа?“

И како што ќе додаде, „дали дадов 1300 долари за парче дрво? Да. Ама си го купив од пари што сам си ги заработив, така што, што ви е гајле?!“

Баш бумеранг како дел од висока мода можеби е и олицетворение на претерувањето на денешниот свет, ама од кога тоа претерување и апсурд е новитет кога се работи за мода и луксуз? Еден од Твитер-корисниците со помалку слободно време за зачувување на култури кои досега можеле да бидат, а не биле ценети на многу други начини, пишува: „Нема ништо полошо во светот? Деца умираат а вие сте се фатиле за еден бумеранг?“

Ваквата изјава е само строг потсетник на тоа дека политичката коректност многу често знае сама себе да се гризне за опашката.

Него, стварно има Шанел бумеранг, бе!

Релевантниот муабет е на 11.30:

13 јуни 2017 - 11:37