Шест години подоцна, била вљубена во него и неговото сеопфатно влијание и очајувала што воопшто го оставила. Но судбината имала поинакви планови – нејзиниот тутор починал од срцев удар.
Првиот влијателен љубовник ѝ бил дваесет и петгодишниот војвода од Риволи – Виктор Масена, а подоцна и петти принц на Еслинг. Ѝ овозможил луксуз, опсипувајќи ја со накит, слуги, приватен готвач и пари. Кога одела на трки со коњи и казина во еден шик ресорт во Баден, Германија, и давал и пари за коцкање. Ѝ купил коњ, па станала успешна јавачка. Се зборувало дека јава како Амазонка, а со коњите е понежна отколку со нејзините љубовници. Во друштво на Масена била пет години, паралелно посветувајќи му се и на Принцот Ахил Мурат.
А баш помислив љубовна приказна ќе биде ова. Но не.
До 1860-та, г-ца Перл е веќе една од најславните првокласни проститутки во Париз. Била љубовница на многу значајни аристократи, како на пример на принцот од Оранж, прв наследник на холандскиот трон, и на Шарл Дук де Морни, полубрат на Наполеон III.
Братот на императорот дарежливо придонесувал за луксузниот живот на кој Перл инсистирала. Во 1864-та, Перл изнајмила замоче во регионот Лоаре, познато како Шато де Босежур – екстравагантно уредена резиденција со совршено одржувани ентериери и двор, скап мебел и прозорци од витраж.
Нејзината спална имала бронзена када направена по мерка, декорирана со нејзините иницијали. Замокот бил замислен за гала настани. Готвачот добивал инструкции никако да не штеди на храна за фантастични оброци. Ретко имало помалку од 15 гости на маса, а Перл била позната по тоа што ги забавувала луѓето на најнеочекувани, нечуени и предраматични начини.
Се разбира, на овие забавни таа била главната атракција. За време на еден ваков настан, ги предизвикала гостите да се послужат од оброкот што „требало да дојде секој момент“.
Следниот „оброк“ била самата Кора Перл. Се појавила лежејќи на огромен сребрен послужавник, сосема гола, попрскана со магдонос (мораше ли магдонос?), а ја донеле четири крупни типови облечени како келнери.
Наполеон Жозеф Шарл Пол Бонапарта, познатиот роднина на императорот Бонапарта ѝ бил најпосветен и најиздржлив обожавател.
Го запознала пребогатиот, 42-годишен принц во 1868-ма, и нивната врска која воедно била и нејзината најдолга врска - траела девет години. И купил неколку домови, од кој еден бил палата, “Les Petites Tuileries.”
Во 1860-та, направила спектакл на еден маскенбал каде што присуствувала елитата на Париз, појавувајќи се во костим на Ева, а степенот на голотија многу малку отстапувал од она што го пишува во Библијата. Никогаш не ѝ недостасувал ентузијазам за покажување на физичките атрибути пред народ.
Врвот во нејзиниот живот на куртизана го достигнала од 1865-та до 1870-та. Во Бисерот од Плимут, биографијата на Кора Перл што ја напишал В.Х. Холден во 1950, пишува дека Перл редовно им праќала пари и на татко ѝ во Америка и на мајка ѝ во Англија. А според неа, парите биле за трошење во големи количини за луксуз и купување на високи позиции на социјалната скала.
Сè што носела било правено специјално за неа, и тоа го дизајнирал и кроел Чарлс Фредерик Ворт. Накитот во еден момент бил проценет на милион франци, а во одреден момент била сопственик на три куќи. Како што напредувала, и поклоните што ги добивала морале да бидат и скапи и инспиративни. Создавала ривали од своите додворувачи, терајќи ги еден против друг и покачувајќи ја цената за нејзините услуги како што станувала и посериозна играта меѓу натпреварувачите. Во најдобрите години, можела да побара и 10.000 франци за една вечер помината со неа.
Се облекувала инвентивно, секогаш со намера да предизвика шок или восхит. Теодор де Банвил пишувал за нејзината фасцинација од силни бои за коса, како некогаш, кога ја виделе во кочија со косата исфарбана со боја на лимон, за да ѝ одговара со жолтиот сатен од ентериерот на кочијата. Некогаш, се појавила со син фустан и палтото на нејзиното куче било исто така исфарбано сино за да одговара. Сакала комплетна шминка и секогаш ги шминкала очите и трепките, а користела пудра со сребро или бисери за да и сјае лицето.
Нејзината шминка е опишана еднаш и како претерана. Во 1867-ма, се појавил пијалок наречен Солзите на Кора Перл, инспириран од нејзе, а истата година, и Алфред Делво ја спомнал во Задоволствата на Париз:
„Денес, мадам, вие сте преокупација, скандал, и врв на Париз, одеднаш сте сите овие нешта. Секој разговор, било каде е за вас.“