Kнижевноста и интелектот се повторно секси

Како би било следниот пат место да ја топорите брендираната ташна пред камера за на Инстаграм, да ја истопорите книгата што ја читате?

Памет е новото секси и дури и Холивуд е заразен, исто како со цигарите, само што - ова нема негативни страни.

Поп-ѕвездите отвораат книжевни клубови: Дуа Липа има онлајн литературен салон Service95, Чарли XCX објави есеј за тоа како не можеш да избегаш од луѓето кои сакаат да докажат дека си глупав. Каја Гербер (ќерка на Синди Крафорд) зад сцената на модните недели чита Дидион и Ками, наместо Вог.

Интелектот и гламурот повторно се сретнуваат - на пример, пред некоја година луѓе облекуваа розево за премиера на Барби, а во 2026 Холивуд зборува за Оркански височини, додека Нетфликс спрема нова верзија на Гордост и предрасуди. Прогнозерите за трендови очекуваат дека ова само ќе се шири и дека Генерацијата З сака повеќе од визуелна содржина - сака знаење, сака да нурне длабоко, на подкасти, Редит, ТикТок и Јутјуб.

Книгите стануваат моден додаток и статусен симбол. Каја Гербер го крие лицето зад книга пред фотографите, и рече Читањето е толку секси кога го лансираше својот книжевен клуб Library Science. Дуа Липа објави селфи со Just Kids од Пати Смит, а Џејкоб Елорди го сликаа во книжарница на аеродром со книга во рака. Фотографиите на кои славните читаат стануваат вирални: Кендал Џенер со книга на јахта, Емили Ратајковски со Џоан Дидион во кревет, а ФКА Твигс држи говор во Британската библиотека за „разглупувањето“ на јавниот живот.

Заклучок: Да си умен е повторно секси.

Со тоа што, ова и да се глуми - нема штета. Апсолутно никаква. Затоа што и глумејќи, некој може ќе се зачита. Или и да не се зачита, ќе предизвика некој друг да се зачита.

Книгите се сега социјален ритуал: БукТок, книжевни клубови и популарни книжарници како BookBar во Лондон го покажуваат тоа. Младите сакаат да зборуваат за книгите, да ги комбинираат со својот стил и личност.

А живееме во пусто време на политизиран анти-интелектуализам - глупите владеат. Затоа е и толку добредојден трендот.

26 март 2026 - 15:04