Тажната реалност на анус хорибилис-от наречен 2020 ни ги задржа концертите во минатото. Имаше по нешто, и физички и виртуелно, ама на сите ни е јасно дека не е тоа - тоа. Сепак, музичката индустрија се обидува да најде начини публиката да може да ги поддржи своите омилени музичари финансиски и притоа да остане безбедна. Тука доаѓаме и до моделот со претплата за концерти.
Платформата Bandsintown лансира Нетфликс-концепт, со месечна претплата за музика, со над 25 лајв-стрим свирки во живо. Сајтот, кој инаку ветува и додатен пристап до уметниците преку прашања во живо на чат, наплаќа 9.99 долари месечно, што го става во истата категорија на трошоци како Прајм Видео, Дизни+ и Нетфликс.
Сепак, колку и да сака човек да биде ентузијастичен - звучи малку дистописки. Дали го заменува искуството на еден концерт? Нели, радоста кога смрзнуваш надвор чекајќи ред да влезеш во сала, или да преплаќаш пластични чаши со пиво, или да се бараш со друштвото преку пораки „Кај си, ја сум кај шанкот“? Дали ја комуницира суштинската среќа на стоење во гужва полна непознати, со вриштење на текстот колку што те држи глас?
Не.
Но сепак е некаков обид да се одржи индустрија која зависи од човечка интеракција на нозе, барем додека да се вратиме во нормала.
Барем сами си носиме пијачки.