Ќе добијат ли жените некогаш џебови?

Проблемов е историски веќе. А сепак, дојде 2018-та и жените уште мораат да молат за џебови што собираат повеќе од спајалица, или уште побизарно - бараат вистински џебови, затоа што тие на нив се лажни.

Заради оваа навидум небитна, и истовремено крајно непрактична и иритантна појава и се возбуди Твитер, кога една писателка, Хедер Кацински се пожали јавно дека нејзината 3-годишна ќерка е разочарана дека нема џебови за играчките:

„Ве молам ставајте џебови во женски панталони. Боже господе. Мојата тригодишна ќерка е многу лута кога нема џебови или кога се лажни. Има ствари за чување, како камчиња и Пауер ренџери. Мора да ги става играчките во маица. Ајде. Џебови за женски, ве молам.”

За Yahoo Lifestyle, Кацински објаснува дека „ќерка и тукушто влегува во фаза кога внимава на облеката и дека двете нејзини барања се: розево и џебови.” И иако се труди да ги покрие и вкусот и потребите на девојчето, признава: „Понекогаш купувам панталони мислејќи дека имаат џебови, за на крај да видам дека се лажни. Оди објасни на дете што оди во градинка што е проблемот со џебовите.”

И ова вака трае со години. Историски гледано, модните дизајнери бираат да ги остават жените без џебови затоа што имаат тенденција да носат повеќе нешта со себе односно - повеќе ќе им требаат ташни, ерго - зголемена продажба на ташни. Кога работат за мажи, дизајнерите мислат на функционалност, кога работат за жени - на изглед. „Не е измислување топла вода да кажеш дека проблемот со џебовите ги поддржува сексистичките идеи за половите. Нели, мажите имаат работа. Жените треба да ги гледаат. Што ќе им се џебови?” пишува Челзи Самерс за Racked.

Но, како што се гледа во примерот на тригодишната ќерка на Кацински, потребата за џебови е унисекс. А детето сега си ги става во јакна играчките, плишаните мечиња и ги закопчува.

За деца што немаат потреби од розево, има Џон Луис.

24 април 2018 - 11:20