Кејт Мидлтон заслужи барем малку приватност

Откако се истрескаа сите можни глупости, на повеќето луѓе им е сега незгодно што беа толку досадни со отсуството на Кејт Мидлтон. „Повеќето“, затоа што сè уште има идиоти што си шпекулираат што ќе им падне на памет.

Видео-објавата на Кејт Мидлтон дека има рак беше пресврт што никој не го очекуваше. Знаевме само дека имала операција на абдомен и дека ќе се врати во јавност после Велигден, за потоа јавноста да го изгуби паметот како на времето за Дијана и ја принуди на последната изјава, каде што „мораше“ да каже што всушност се случува.

На видеото е Кетрин, принцезата од Велс, бледа и ослабена, со џемпер и фармерки, седи на дрвена клупа во градините на замокот Виндзор и открива колку се шокирала кога дознала дека има рак. Таа операција на абдомен од јануари ја довела до изменета стварност, стварност со хемотерапија која почнала да ја прима во февруари и ќе ја прима и во иднина, не се знае до кога.

Она што всушност го видовме беше жена што се обидува да си ја врати контролата што така насилно ѝ беше одземена. Ако се навратиме на интензитетот со кој навлегоа медиумите и грешките во ПР што се направија, разбирлива е и таа исконска реакција.

Секоја голема промена влијае на животот, но дијагноза на рак ја претвора таа промена во постојан, фул-тајм ангажман. А кога си во рани 40-ти, како Кетрин, недоброволно си отстранет од секојдневието и фрлен во паралелниот свет што е Канцерленд.

Вака таа состојба ја нарекува писателката Сара Вајнман во својата колумна за Д Кат, и самата со извојувана битка со рак на гради зад себе. И вели дека секое примање во Канцерленд е различно. Нема два исти ракови на гради, како што сфатила кога и нејзини две пријателки ја добиле истата дијагноза, истото лето, со многу различни исходи - едната е жива, другата починала во 2020. Третманот зависи од типот и агресивноста на туморот - некои прво бараат хемотерапија, некои не бараат. Некои бараат имунотерапии во тандем што ја надживуваат хемотерапијата. Може да требаат и шест недели зрачење, можеби само две, или ич. Можеби треба само апче. Можеби не може и ништо, затоа што дијагнозата е поставена предоцна, што ти остава само уште неколку недели живот.

Шокот на дознавањето е сам по себе тежок. Потешко станува кога ќе ти се сврти од толку избори пред тебе за третманот, и тоа мораш да реагираш брзо - Ако си плодна, замрзни јајце-клетки, инаку толку! Пробај го овој експериментален лек, иако додава само неколку проценти на стапката за преживување! - тоа е премногу за издржување. И сето ова како обичен граѓанин за кого на светот му е гајле. Само ако додадеш јавен живот и слава, изборите се уште пострашни. Секој избор што ќе го направиш е предмет за безмилосен микроскоп.

На кого да кажеш, и кога? На блиските, на саканите, се разбира. Како реагираат, ќе бидат ли тука кога ќе ти бидат потребни? Кој е емотивно опремен да се справи со твојата дијагноза и да ти прави друштво за време на сесии хемотерапија? Кој ќе се истопори како најбитен, наместо да те теши тебе во тешки времиња? Кој ќе те напушти, а кој ќе остане?

„И со овие прашања морав да се соочувам за време на третманот што траеше над една година,“ вели Вајнман. „Но имаше почудно, потрновито, поглупо, а сепак поегзистенцијално прашање што ме мачеше: Како да ги претставам вестите во јавност. Сакам ли? Социјалните мрежи сите ги претворија во ПР-оперативци. Можев да твитнам нешто мрачно иронично. Тогаш и објавив слики на приватниот Инстаграм, ама затоа и беше приватен. Како да го пролонгирам активното чувство на приватност за да работам на мир?“

Вајнман можела да го контролира сопствениот наратив во врска со ракот, а со време, станал дел од нејзината историја.

А Кејт Мидлтон мораше да му каже на светот за нејзиниот рак затоа што почувствува потреба да ја смири јавноста која се лигавеше на можноста да ја пополни празнината создадена од тишината. Воопшто не е исто како кај Оливија Ман, која месецов сподели дека имала дијагноза, операција и третман, ама година дена подоцна, со луксуз да го истера тоа далеку од очите на јавноста, и победила.

„И да се таквите победи илузорни,“ завршува Вајнман, „имаш можност да ја оформиш приказната. Ракот не е битка, туку нешто што треба да се третира. Стигмата и срамот треба да се тргнат. Правилата сепак, се поинакви за принцезата од Велс, на која секој потег ѝ се микроменаџира, а нејзиното отсуство се магнифицира до нездрави пропорции. Контролата можеби е недостижна, но сепак, нешто што треба да се бориш да го имаш.“

25 март 2024 - 00:00