Како постигнува Синтија Џерманота?

Познато ви е презимето? Мајка ѝ на Лејди Гага е во прашање. И освен што ѝ е мајка на Гага, претседателка е на фондацијата Born This Way која поддржува добросостојба на младите и со нив гради заедници и „го прави светот пољубезен  и похрабар“.

„Она што е најзаслужно за фондацијата да се појави во светот е трансформативното влијание што љубезноста го имаше на ќерка ми,“ вели таа. „Има зборувано за тоа многу често - недостатокот на љубезност и отсуството на одредени ресурси нејзе ѝ нaправи проблеми со менталното здравје. Затоа се фокусираме на три големи цели: љубезноста да стане кул, да се валидираат емоциите на младите и да се елиминира стигмата наметната врз менталното здравје.“

Џерманота со месеци работи на почнување на курсот Be There, што е како мастерклас за подршка на менталното здравје. Денот го почнува со намера:

„Обожавам утра. Омилен дел од денот ми се. Ја обожавам таа тишина и таа можност да погледнеш на работите со свежи очи. Обично сум будна меѓу седум и осум, во зависност од тоа што треба да правам, и дали работам од дома или не. Пијам чај, па правам неколку ритуали, меѓу кои и запишување во дневник три нешта за кои сум благодарна.

Имаме изгубено чувство за конекција и контрола. И мислам дека е важно да се потсетиме да бидеме благодарни: тоа многу ми помага. Потоа го планирам денот. Сакам да гледам на целата недела намето на денот пред мене, затоа што мислам дека тоа дава подобра перспектива на она што треба да се постигне. Ако сфатиш што ти се приоритетите за таа недела, многу е полесно да направиш список.“

За справување со стресот:
„Едно нешто што сум пробала да го направам и им советувам и на младите луѓе да го направат е да си осмислат рутина. Второто е да препознаат каде се ранливи, што може да биде тешко. Едноставно мораме да бидеме попријатни со себе и да си дозволиме да си кажеме дека е во ред. Тоа ни помага да бидеме присутни, наместо да забегаме во едно чувство на инертно движење низ животот. Тоа помага и подобро да се контролираат емоциите.“

За работната навика на нејзиното семејство:
„Пораснав во многу мал град - од околу 800 луѓе - во Западна Вирџинија. Моето семејство ја разбираше вредноста на трудот, на одење во спротивниот правец на ветрот и движење напред со цел на ум. Почнав да работам со татко ми кога имав 12 години. Во тоа време, имавме мала агенција за осигурување. Многу научив од него и од таа атмосфера, но научив и посветеност и љубезност од мајка ми, која беше домаќинка. Отсекогаш сум велела дека тоа е потешко од работа што те носи надвор од дома, затоа што си целосно посветен на воспитување деца и грижа за домот. Тоа ѝ беше неверојатно важно на мајка ми: да расте деца и да им обезбедни што е можно подобар живот.“

За животот како вработена мајка:
„Многу луѓе зборуваат за работата, па за семејството, а мислам дека не е мудро да се одвојуваат. Важно е да бидеш свој на двете места. Имам и научено дека е невозможно „да ти успее сѐ“ - и дека треба да се успее според сопствените очекувања. Тоа е голем притисок врз себе. Нешто мора да попушти, нели? Треба да се ставаат приоритетите во перспектива. Јас се потрудив најдобро што знаев додека работев, да постигнам баланс - да им бидам подршка на моите деца, особено во важните моменти. Одев на сите прегледи, на сите натпревари, секоја изложба… Пробував и патувањата да ги организирам според овие настани. Тоа ми беше важно цело време.“

Што има научено од нејзините ќерки:
„Научив не само да слушам, туку и да разбирам и да го препознаам она низ кое што поминуваат. Често како родители слушаме, но не разбираме секогаш што сакаат да ни кажат. И имаме високи очекувања, па тој пресек може да предизвика стрес ако не се менаџира добро. Научив да не им ги наметнувам моите вредности и приоритети на нив, што мислам дека е природна тенденција. Природно е и родителите кога ќе видат дека децата им се мачат да преминат во мод на поправање и превенција. Нашите истражувања ни покажаа дека една од причините што младите луѓе не им се доверуваат на родителите или возрасните е што се чувствуваат неслушнато и неразбрано - како да им се суди.“

За фокусот:
„Мисијата ни е да им дадеме моќ и инспирација на младите да изградат пољубезен и похрабар свет. Тоа е многу голема цел, но како што има кажано ќерка ми, да беше лесно, некој веќе ќе го имаше направено ова. Значи, знаевме кога влегувавме во ова дека се работи за нешто што ќе бара децении за да даде резултати и да може да се измери. Трпението е важно во секој бизнис, без разлика дали е комерцијален или филантропски.“

За како ѝ завршува денот:
„Секогаш помага фин оброк. Додека растеа децата, семејните оброци беа важни. Секогаш седнувавме заедно и секој оброк го готвевме заедно. И двете мои ќерки сакаат храна и навистина добро готват поради тоа. Во последно време не готвиме заедно толку, но кога сме заедно - да, за време на празници, на пример. Научивме дека заеднички, семеен оброк многу лечи. Безбеден простор е за разговори, вклучувајќи и разговори за менталното здравје. Охрабруваме семејни оброци, без разлика како го дефинирате вашето семејство.“

24 март 2022 - 00:03