Мишел Фајфер има кажано дека се погодиле одлична екипа за време на снимањето на „Вештерките од Иствик“, што било чудо бидејќи почнале со недовршено сценарио и нонстоп имало измени, додавања и се мешале повеќе мислења.
„Беше тешко да се снима, но не затоа што не се согласувавме. Почнавме со незавршено сценарио, па добиваш повеќе 'готвачи во кујната' и сите додаваат измени и стана многу стресно. Но, барем тоа нè натера да се држиме заедно. Како сите актери да беа заедно во ров. Да работиш без сценарио не функционира баш. На крај го завршија, но не беа сите задоволни. Постојано се правеа промени и нонстоп имаше драма. Многу ретко имаш позитивен старт, без цврст темел. Но, понекогаш функционира.“
Режисерот Џорџ Милер ова го памети малку поинаку и во едно интервју има кажано дека снимањето било претешко затоа што не знаел како треба да се комуницира во Холивуд. На еден состанок каде што се дискутирало како да се заштедат пари, Милер се пријавил да се откаже од приколката затоа што секако постојано требало да биде на сет. Од ова, од студиото заклучиле дека можат да го шетаат по ќерамиди, па почнале да му се мешаат во барањата за продукција. Ако побарал пеесет статисти, му давале десет. Ако побарал две камери - една. Милер решил дека по гомнарот треба со гомнарска цевка, па рекол дека ќе престане да работи додека не му одговорат на барањето. Тука студиото почнало да си бара нов режисер, но ги спречил лично Џек Николсон кој рекол дека ќе напушти ако го откачат Милер.
Милер раскажува и дека продуцентот Џон Питерс одеднаш решил дека сака и вонземјани да се појават во филмот, иако немало никаква врска со приказната. Милер мисли дека Питерс бил под влијание на успехот на „Осмиот патник“ и дури и се појавил еден ден на снимање со каскадер облечен како вонзејманин и на Милер му рекол да го стави во некоја сцена, било која. Милер и Николсон го напуштиле снимањето додека не се вразумил Питерс.
Џек Николсон се заинтересирал за улогата кога тогашната девојка Анџелика Хјустон се спремала за аудиција за филмот и слушнал дека првиот избор, Бил Мареј се откажал. Хјустон се спремала за Александра Медфорд и читала со Фајфер, која веќе била ангажирана како Суки и со Ејми Мадиган што ја спремале за Џејн. Поминала ужасно и потоа студиото успеало да се договори со Шер. Шер побарала да ја игра Александра (што веќе ѝ ја дале на Сузан Сарандон) и од студиото попуштиле, а на Сузан Сарандон ѝ кажале дури дента кога дошла на снимање.
Да се прегледа.