Кога ќе замислите анксиозност, што гледате? Тресење, плачење, вриштење? Панични напади, хипервентилација, некохерентни реченици? За некои луѓе е навистина така. Ама не за сите.
Како изгледа високо-функционална анксиозност?
Како да ти е среден животот. Се смешкаш, испеглан си, косата ти е средена, доаѓаш на време. Се трудиш, сработуваш на време, помагаш на другите и имаш хобија. Високо-функционалната анксиозност прави да изгледа како да си бркаш работа - и така е, ама само до некаде.
За некои луѓе, тоа е наоѓање обврски, за да не полудиш. Колку повеќе правиш, колку повеќе задачи си задаваш што можеш да ги контролираш, толку повеќе можеш да ја контролираш таа анксиозност.
Проблемот околу незборувањето за овој тип на анксиозност е што се ризикува луѓето да не сфатат дека постои. А постои - многу луѓе живеат со тоа. И кога треба да земат ден од боледување, кога се доволно храбри да одвојат време за себе, треба да бидат сфатени сериозно. Не лажат дека се болни - цело време лажеле дека им е добро.
Исто како со мислењето дека човек што има нарушување со исхрана треба да изгледа како да го има тоа нарушување, способноста да функционираш нормално не ја негира анксиозноста. Се случува да имаш очајна потреба од ден за грижа за своето ментално здравје, но да ти е премногу страв да побараш слободен ден затоа што никој нема да ти верува - не се гледа. Ова е проблемот кога болеста ти е невидлива; кога си болен од нешто што се маскира во „ништо не ти е“.
Ако видиш човек со ваков проблем, не би ти ни паднало на памет дека можеби се самоповредува. Дека има проблеми со исхрана. Не би ни погодил дека знае да биде суицидален понекогаш, или дека тешко дише заради најситна грешка или непријатност.
Во вакви случаи, на луѓето им е уште потешко да побараат помош, затоа што мислат дека никој нема да им верува, дека ќе биде „волк, волк!“ ситуација. И додека не признаеме дека високо-функционалната анксиозност постои, тешко може да се дискутира. А луѓето кои страдаат од неа, не можат на раат да побараат помош.
Постои, да си знаете.
Види и:
Како навистина изгледа социјална анксиозност, кога ти е мачно во друштво
и
Поема за анксиозноста, трогателно излагање во слободен стих што пластично доловува колку знае да стане тешко.