Како навистина изгледа социјална анксиозност

Социјалната анксиозност, или анксиозност во друштво, станува сè почеста појава, а сепак, како да не разговараме доволно на таа тема.

На сликава изгледа супер, ама не е баш така.

Во напис за Хафингтон Пост, една девојка решава да објасни како тоа вистински изгледа.

„’Ќе ми дојдат другарки на вино и сирење вечер. Сакаш да дојдеш?’

Трогната бев што бев вклучена во оваа покана испратена преку порака од клиентка. Делумно навистина сакав да одам, особено поради фактот што таа е прекрасна личност, а моите друштвени активности главно се сведени на дружење со моето дете. Но, самата помисла на влегување во друштво на луѓе што не ги познавам и правење празни муабети ми дојде премногу.

‘Ти благодарам многу за поканата, но веќе имам планови,’ измислив. Во тоа време си се оправдав (што има да знае дека планот ми е да гледам Нетфликс, сама), но ми беше ужасно што излажав. Уверена бев дека чувството на вина ќе ми биде испишано по целата фаца следниот пат кога ќе ја видам.

Многу луѓе се радуваат кога ќе ги поканат на некој настан; мене ми се слошува. Не заради луѓето што ќе бидат таму (обично), туку затоа што воопшто има некакви луѓе. Иако не знаев да го идентификувам чувството до пред неколку години, цел живот страдам од социјална анксиозност.

Како тинејџерка и после тоа, сосила влегував во неудобни друштвени ситуации, дури и ако ми доаѓаше премногу, затоа што претпоставував дека мојата „срамежливост” е нешто што мораше да се надмине. Се убедував дека ладната пот, рацете што ми се тресеа, срцето што ми чукаше силно, стегнатото грло, заматените мисли и ужасното црвенеење сигурно ќе ги снема кога ќе се скрши мразот. Понекогаш ми успеваше, но најчесто не и сè уште не ми успева. Удобно ми е со неколку блиски пријатели, но истиот момент кога групата ќе порасне надвор од границите на мојот круг од доверба, го чувствувам чудовиштето на анксиозност како се буди, со себе влечејќи ги сите мои длабоко всадени стравови дека некој ќе ми суди (или дека сум недоволна). Кога се случува ова, преживувам со повлекување. Гледам, слушам, стојам на периферија на просторијата и формирам долгорочни врски со домашните миленици.

Луѓето често ја сметаат мојата релативна молчаливост во група за непристапност, но јас сум тивка затоа што го мерам секој збор пред да го кажам, размислувам како ќе биде пречекан мојот придонес кон разговорот и преплашена сум дека ќе откријат каков измамник сум, како што упорно сум уверена.

Дури и ако изгледам опуштено, после тоа ќе поминам денови, дури и недели сецирајќи го тој момент, фиксирајќи се на нешто што сум се убедила дека било гаф и измачувајќи се себеси. Истоштувачки е.

Како и многу други со анксиозност, функционирам без проблем и мојата нелагодност обично не е лесно воочлива (колегите со кои предавам порано ми кажуваа колку смирено делувам, иако одвнатре ми е хаос). Одам на настани и влеугувам во ситуации што не ми се удобни, или од професионални причини, или затоа што сакам да се видам со пријатели, или од желба да не ги разочарам или навредам луѓето.

Но, тоа си има цена.

Затоа што, знаете, социјалната анксиозност ми буди и друга општа анксиозност. Со ова сум се справила со тоа што се присилувам да игнорирам што е можно повеќе и да бркам работа. Ова не е добра стратегија.

Во последните години ми се случи многу „живот”, со многу неочекувани предизвици. Со тек на време, анксиозноста ме изеде до точка каде што веќе не можев да ја игнорирам и се најдов себеси на раб на мрачен амбис што ме извади од памет. Никогаш, НИКОГАШ не би сакала да се најдам таму повторно. Ова искуство ме научи дека моето ментално здравје мора да биде приоритет. Веќе не сакам да ја плаќам таа цена.

Не избегнувам секакви друштвени ситуации. Кога се чувствувам добро, уживам да се поврзувам со луѓе. Само што, некои интеракции ми се постресни од некои други и понекогаш, во зависност и од други фактори во животот, морам да ги избегнувам за да продолжам да се чувствувам добро. Деведесет и девет проценти од времето, ова нема никаква врска со човекот чија покана ја одбивам - секогаш е вистински, искрен случај на „не е до тебе, до мене е.”

Тогаш, зошто чувство на вина?

Не се чувствувам виновна што одбивам покани ако сум физички болна или повредена. Зошто тогаш ми е незгодно да признаам кога се чувствувам ментално слаба? Кога бев на доктор минатата година, брборејќи извинувања за мојата неконтролирана паника и плачливост и фактот што сакав да пробам лекови за анксиозност, ме праша дали би ми било незгодно да прашам за лекување на повредена нога? Се разбира дека не!

Нашето општество како да има концепт дека менталната болест е нешто што треба да се надмине „мушки”. Многу луѓе успешно ја кријат, а всушност може да повреди и други. Но дури и кога е невидлива, болеста е сепак тука; треба да се третира исто како и скршена коска или грип, или ќе има последици.

Благодарение на кампањите за освестување во последно време и тоа што сè повеќе луѓе ги споделуваат нивните лични приказни, менталните болести стануваат помалку табу во општата дискусија, па и јас „излегов од плакарот” како анкциозен пациент на неколку јавни платформи. Скроз непознати луѓе ми го знаат менталното здравје, а сепак… сè уште не сум спремна да кажам некому, ‘Фала ти што ме покани, но социјални собири ми го нарушуваат менталното здравје, па нема да дојдам.’

Да бидеме реални. Ако не си човек што знае што е анксиозност, веројатно мал дел од тебе ќе си рече: Претеруваш! Обична вечер со вино и сирење е! Може и ќе се навредиш малку, или ќе се запрашаш дали мене со нешто си ме навредил.

А од друга страна, ако некој одбие покана затоа што имаат физичка повреда или болест, веројатно нема ни да се подзамислиш. Сигурно нема тоа да го сфатиш лично. А јас измислувам затоа што не сакам со избегнување тригери со кои ми се влошува менталното здравје да оштетам некаков однос.

Дали е тоа долгорочно решение? Не. Јас ценам искреност и ми се создрава внатрешен конфликт кога не сум искрена со луѓето, особено луѓе што ги сакам. Но, барем кај мене во глава, во моментов ова е најдобар начин за справување со проблемот. Пишување за него исто ми помага да бидам похрабра и да ја доближам општата дискусија за анксиозност до моите лични односи. Се надевам дека еден ден, во скоро време, да одбиеш покана заради ментално-здравствени причини ќе биде прифатливо и за другите и за мене, како да сум рекла, ‘Извини не можам - имам грип.’”

-Кели Меквилан, Хафингтон Пост

30 јули 2019 - 23:36