Денови со помалку енергија се нормални, но лесно е да се пропуштат знаците на емоционалното прегорување. Кога постојано се чувствуваме вака, може да е време да направиме една проверка на самите себе.
Во последниве две непријатни години, неколку фактори придонесуваат кон колективниот премор. Ако постојано се чувствувате истрошени и со прашалници за вашата емотивна состојба, експертите имаат објаснување за тоа: што значи емотивна истоштеност и како се манифестира во работата, односите и секојдневието.
Прво, што е?
Истоштеност настапува кога ќе се премориме, но емотивната истоштеност се случува кога имаме многу лоши емотивни искуства по ред, во текот на долг период. Искуството на постојани негативни емоции, како лутина, фрустрација, страв или тага се напластува со тек на време и може да ни создаде чувство како да не можеме да се подобриме, да уживаме или да ги промениме нашите услови и околината.
Се манифестира како чувство на заглавеност во негативните емоции, наместо комплетно искусување радост, среќа или удобност. Oвие константни негативни чувства предизвикуваат да тргнеме по пат на негативност кон самите себе и кон другите.
Дали е исто со прегорување?
Поврзани се, но не се исто. Емотивната истоштеност после продолжен период може да доведе до прегорување. Почнуваме да искусуваме симптоми, од кои еден е и емотивната истоштеност, заедно со други - чувство на изолираност, анксиозност, умор, нервоза, безнадежност, или паѓа професионалниот перформанс или задоволството на работно место. Прегорувањето често погрешно се идентификува како депресија затоа што некои од симптомите се поклопуваат. Го предизвикува стрес, недостаток на ресурси и подршка.
Како да знаеме дали сме емотивно истоштени?
Кога сме исцедени на овој начин, тешко е да се поврземе со луѓето и нештата во кои обично уживаме затоа што сме постојано уморни. Чувството е како да немаш што да им дадеш на другите - екстровертите може да забележат дека избегнуваат друштво и настани. Интровертите можат уште повеќе да се затворат и да им се потребни интензивни количини време за заздравување и седење во самотија.
Што да се прави?
Прво, важно е да се идентификува тоа што предизвикува стрес и најмногу цеди енергија. Не може секогаш да се отстрани комплетно, но можно е да се ублажат условите околу него. Пред емотивната истоштеност да стане комплетно прегорување, важно е да се провериме самите себе и да побараме помош.
Откако ќе се препознае изворот на истоштеност, се препорачува да се размисли зошто предизвикува толку стрес. Кога ќе најдеме дали е од работа, од врски, или нешто поврзано со самите нас, тогаш почнуваме да размислуваме какви мерки треба да се преземат за да се ублажат симптомите.
Грижата за себе не значи само земање слободен ден, туку правење работи што ти ја враќаат радоста во животот, за да се балансираат емоциите. Понекогаш, ова значи и дружење со луѓе што те сакаат и те ценат. Кога се прави пауза, дури и да трае само еден час, најдобро е да се влезе во активност што освежува, за да можеме да продолжиме да се соочуваме со денот на најдобар можен начин.