Како еволуираше феминистичката мода во 2023

Кокет, балеткор, барбикор - модата достигна хиперженственост, а сепак највисоките позиции ги држат мажи.

Кога Диор ја извади маицата „Сите треба да бидеме феминисти“ за 2017, некои расправаа дека модата го достигнала својот врвен феминизам. Некои (како нас) ќе речат дека тоа е уште со отфрлањето на корсетите, и воведувањето на панталоните како „дозволена“ женска работа (види: Панталоните како симбол на женските права), но добро. Маицата на Диор се продаваше за 700 фунти, па она што требаше да биде земјотрес, стана разводнет дизајн за мејнстримот. Оттаму и разводнетата идеја за феминистички политики во модата, како специјално осмислени за бели жени од средната класа. Барем естетски, феминистичката мода се поремети.

Оваа година, доминираа хиперженствени трендови - порано се дискутираше за феминизмот, сега е фокусот на женственоста, иако одат рака под рака. Многу од трендовите почнаа под своја контрола да си ја враќаат женствената естетика, нешто што понекогаш се гледаше со презир, и не се сфаќаше сериозно.

Самиот феминистички релјеф се промени откако феминистички изјави ги преплавија модните писти околу 2016. Почна и „грабање“ околу дефиницијата, феминистите се поделија во ставовите, па многу од нив и почнаа да избегнуваат да се идентификуваат со движењето. А во меѓувреме, жените се сѐ уште експлоатирани на секое ниво во модната индустрија, од текстилни работнички, до директорки.

Субверзивна феминистичка мода сѐ уште постои, но главно се млади, независни дизајнери кои движењето го носат на грб и модата ја користат да испровоцираат дискусии за телата, изборите и моќта на жените. На пример, постои Микејла Старк, инспирирана од балет и женствени форми.

„Кога почнав со хиперженствена естетика, не ни помислив дека ќе биде политизирано,“ вели таа. „Потоа сфатив дека да ми биде телото згмечено и наместено е силна политичка изјава, но не се одлучив за балеткор поради тоа. Едноставно ми се допаѓаше.“

Според нејзе, феминистичката мода секогаш се сведува на избор.

„Затоа е толку важно да има различни гласови на врвот, за да има простор за жени што едноставно сакаат да изгледаат женствено, но да има простор и за други нешта што треба да се случуваат. Се работи за избор, а не само за прифаќање на наметнатите стандарди за убавина, како што гледам дека се случува на ТикТок. Не само што се облекуваат многу женствено, туку гледам и дека ставаат ботокс, а се премлади. Не се работи за спречување на овие девојки да го прават тоа. Само сакам да покажам дека има други опции, за да не се чувствуваат принудени на тоа.“

Централна тема на делата на Старк е прифаќањето на сите тела. Луксузната мода овде бавно се движи, но во последно време брендови како Шанел и Баленсијага конечно почнаа да ставаат и покрупни модели на писта. Јавноста сѐ уште се навикнува.

Модата не е почеток и крај на феминизмот и жените не треба да чувствуваат притисок секогаш да се облекуваат за да изјавуваат нешто. Понекогаш, само сакаме да носиме машни затоа што ни се допаѓаат. Секогаш ќе се работи пред сѐ за избор, но кога се работи за феминизмот во модата, сепак се работи за женската моќ на секое ниво во индустријата и за покажување дека за израз постои повеќе од еден начин.

22 декември 2023 - 12:00