Како е да растеш со повеќе пари отколку што можеш да потрошиш?

Абигејл Дизни има 59 години, активистка е и има Еми за документарец. Веројатно претпоставувате по презимето од која фамилија доаѓа. Дедо ѝ е Рој О. Дизни, ко-основач на Волт Дизни Компани, што значи дека е наследничка на семејното богатство. Порасната е во северен Холивуд, има докторат од Колумбија и во моментов живее во Њујорк. Со The Cut разговара за парадоксите на растење со неверојатно богатство.

Додека растеше, свесна беше дека си богата?

Барем додека бев мала, моите родители не се фалеа многу. Парите ги променија многу подоцна. Всушност, се гордееја дека се скромни. Сакаа да растеме со идејата дека не сме ништо подобри од другите.

Сепак, живеевме во куќа што беше доволно голема да има две ѕвончиња со две влезни врати - на Ноќта на вештерките деца ѕвонеа и на двете, мислејќи дека се две куќи. Но, немаше луксуз. Немаше ни приватни авиони, ни такви работи додека не пораснав.

Дали повеќето луѓе претпоставуваат дека имаш пари кога ќе те запознаат?

Луѓето директно ми викаат: „Боже, мора да си многу богата.” Во секоја интеракција не можеш баш да оставиш прв впечаток каков што сакаш затоа што веќе смислиле што ќе мислат за тебе пред воопшто да се ракуваш со нив.

А во ситуации кога луѓето не знаат дека си богата?

Ако сум во ситуација да ми го знаат презимето, обично им е јасно. Но, тешка сум за препознавање, па можам да се движам по ресторани и аеродроми и да комуницирам со луѓе како нормална личност. Тоа многу го сакам, супер е. Има и луѓе на кој што не им текнува веднаш, па на крај се извадени од памет. Јас сум ти левичарка, Њујорчанка и интелектуалка. Во мојата категорија спаѓаат луѓе што го мразат Дизни и мислат дека е најлошо нешто на планетава, а веројатно и јас би била таква да не бев од таа фамилија.

Кога среќавам луѓе, имам нефер предност што можам да ги насмеам, затоа што можам да уфрлам шега за Sвончица или Пепелашка и воодушевени се. Во некои случаи, само треба да не бидам гомно. Луѓето претпоставуваат дека ќе дојдам во кочија, па еден час подоцна, веќе ќе кажат, „Боже, па ти си толку нормална.” Не знам што може да очекуваат.

Си имала ли момент во животот кога работите почнале да стануваат луксузни и си сфатила дека „Леле, па јас сум ултра-богата?”

Кога тргнав на колеџ, Мајкл Ајзнер влезе и вметна нова енергија во компанијата, па во акциите, па богатството на моето семејство се зголеми 50 пати од кога јас бев мала. И одеднаш, од удобен живот од високата класа, станавме луѓе со приватен авион. Тогаш мислам дека татко ми го загуби патот. И затоа сум хипер-свесна за она што богатството им го прави на луѓето. Во едно семејство живеев како дете, а не можев да го препознаам кога пораснав.

На кои начини се промени татко ти после авионот?

Па, да имаш авион е голема работа. Да бев кралица на светот, ќе донесев закон против приватни авион затоа што ти дозволуваат да избегнеш една реалност. Не мораш да поминеш низ аеродром, не мораш да комуницираш, не мораш да бидеш трпелив, не мора да ти биде неудобно. А ваквите работи нè потсетуваат дека сме луѓе.

Авионот на татко ми беше 737, а беше лудо да имаш 737 за приватен авион. Имаше голем брачен кревет со еден голем појас преку него, туш кабина и беше жива глупост. И ние го користевме авионот повремено затоа што јас имам четири деца, па беше многу полесно нели, да одиме со неговиот авион. Но, во еден момент реков, „Доста е, ова е лошо за сите.”

Како авионот го промени татко ти?

Не беше само авионот, но не е мала работа да не мораш да бидеш трпелив и да бидеш меѓу луѓе. Ти создава слика дека си подобар од другите. А во последните 40 години, сè во американската култура го поддржува тоа убедување. Велиме, „Работодавците, бизнисмените, тие ја прават Америка толку силна.” Затоа се шетаат богати луѓе што мислат дека успеале затоа што се подобри. Фундаментално е да се потсетиш дека си само еден претставник од човечката раса, како и сите други и нема ништо кај твоите пари што те прави подобар од другите. Ако не го знаеш тоа, а имаш пари, тоа е правец кон пеколот, без разлика колку нешта имаш околу себе.

Кога престана да леташ со приватниот авион?

Тој момент за мене беше пред 20-тина години. Морав да одам во Калифорнија на состанок, а до наредното утро морав назад во Њујорк заради конференција. И типот што ја води семејната компанија ме стави во авионот сама. Летав цела ноќ, сама во тој џиновски авион и седев таму мислејќи на загадувањето, на бројот на стјуардеси и на пилотот што беше на повик и колку тоа чинеше и ми се слоши. А моите секогаш се исмевале со фактот што јас мислам дека е ужасно, затоа што нив им беше удобно тоа.

Какви лекции научи од твоите за парите?

Мајка ми беше жена што сака убави работи, како Шанел костуми. Трошеше пари на нешта што навистина многу ги сакаше. Истовремено се облекуваше како бездомник и повеќе се радуваше на попуст на тоалетна хартија во супермаркет отколку на Шанел костум.

Ова е често вака кога се работи за богаташи, нели?

Да. Многу луѓе скокаат меѓу овие два идентитети. Финансискиот живот на моите се смени во ’80-тите, а јас до тогаш бев возрасна и ги гледав како се опуштаат. Веќе имаа по 50-тина години и им се допаѓаа скратените патчиња што им ги нудеше богатството. Тешко е да одбиеш такви работи. Но, она што се случува е: опкружен си со луѓе што никогаш не ти викаат не. Затоа и татко ми почна да пие, беше опкружен со луѓе што никогаш не му рекоа „ти си алкохоличар, ти треба помош.”

Дали си внимателна со парите?

Па, не сум. Имам 59 години и сега кога живеам во сопствен свет и менаџирам сопствени пари, имам развиено спротивна гледна точка на се што правеле моите родители. Почнав да раздавам пари кога наполнив 20 и нешто, а моите мислеа дека тоа е глупост. Но, тоа беа мои пари. За среќа, дедо ми директно ни даваше пари, што беше супер затоа што не морав ништо да барам од моите. Сосема бев независна на 21 година. И почнав да ги делам парите. За две години имав донирано повеќе пари од моите родители, кои имаа многу повеќе од мене и ми рекоа дека ги срамам.

Не мораш да одговориш на ова, но колку имаш наследено, или барем кажи приближна сума, ако не ти е удобно да одговориш.

Па, бројката се менуваше низ годините и ќе ви го кажам ова: Можев да бидам милијардер да сакав, а не сум, затоа што не сакам. Тоа е ненормална сума на пари. Но, нема полесно од заработување уште пари ако веќе ги имаш.

Колку пари имаш раздадено?

Некаде околу 70 милиони долари во последните 30 години. Се гордеам со тоа. Во позиција сум да давам уште повеќе додека сум жива. Сериозно размислував да ги дадам сите во еден момент кога имав 20 и познавам луѓе што го направија тоа. И би сакала да кажам дека храброста ме натера да се воздржам, но беше смртен страв. Мислев дека нема да преживеам. Не знаев дали можам сама.

Сега ми е мило што не раздадов сè, затоа што имам уште повеќе. Сега имам раздадено многу повеќе отколку што наследив. И многу сум попаметна сега. Тоа што ќе го направев тогаш ќе беше фино, но сега е многу поефикасно.

На што уживаш да трошиш пари?

Сега живеам под константен притисок од тоа. Многу уживам во добар оброк во добри ресторани и трошам премногу на тоа. Или на ташни. За среќа не сум по купување имоти, не ми треба ранч и скијачки центар и такви работи. И не сакам приватен авион затоа што тоа те прави шуплив од внатре. Имам среќа дека нештата што ги сакам не се многу скапи, со оглед на сè. Но, за повеќето обични луѓе, тоа што го трошам во ресторан би било страшно. Не би можеле ни да замислат да потрошат толку пари. Така што, не би поминала кај многу левичари.

Дали е тешко да веруваш дека некој е заинтересиран за тебе - заради тебе, ако постои финансиска нееднаквост?

Тоа е најлошото. И имам многу добар радар за тоа. Има луѓе на кои практично можеш да им видиш доларчиња во очи додека зборуваат со тебе. А не се лоши луѓе. Твојот однос со пари зависи од начинот на кој што си растен, па не замерувам, но ќе бидам внимателна со тебе. Не смеам да си дозволам да бидам идиот, но повеќе би дозволила да бидам излажана од време на време - и да платам за тоа, отколку сосема да изгубам доверба во луѓето.

Имаше едно истражување од Chronicle of Philanthropy пред години, каде што ги прашаа луѓето со наследство, „Која сума би ти требала за да се чувствуваш сосема сигурен?” и буквално сите, колку и да имаа, кажуваа сума двојно поголема од она што го наследиле. Сега ви е јасно тоа околу парите, нели?

Ако ти е тоа примарна мерка за успех во животот, тогаш со среќа, затоа што никогаш нема да бидеш задоволен.

3 април 2019 - 20:00