Како „Догма“ успеа да избега од Харви Вајнстин

Го држел во фиока, далеку од кина и стриминг, додека не се вмешала неочекувана личност.

Кевин Смит се имал откажано од „Догма“ и до лани не се ни надевал дека ќе си ја извади комедијата од нечии фиоки. Филмот излезе во 1999, чинеше 10 милиони долари, со врвни глумци еден тон и веднаш привлече контроверзи. Протести имаше против пристапот кон христијанската доктрина и беше отфрлен од Католичката лига и други религиозни групи заради „исмевање со Бог, црквата, мисата и девственоста на Богородица“. Заработи 30 милиони долари од кино, и откако го пуштија на ДВД, филмот просто исчезна од јавност. Немаше блу-реј, ниту дигитални изданија и иако постоеше на ВХС и ДВД, веќе 20 години беше невозможно да се најде легално на стриминг.

Причината е што Вајнстин ги задржал правата и откако му пропадна империјата, било тешко да се извади филмот од калта што остана зад него. Во 2017 година, токму пред обвиненијата за сексуално злоставување да излезат на површина, Смит добил понуда да ги откупи правата за вртоглави 5 милиони долари – за филм што самиот го напишал и режирал - се чувствувал како да му се продава сопственото дете. Прво - правата биле заглавени во договор со Columbia TriStar, а второ – Смит јавно го критикувал Вајнстин за маркетингот на Zack and Miri Make a Porno и му се дерел на филмска проекција во 2011.

Во 2019, додека Вајнстин се соочуваше со обвиненија за сексуални злосторства и огромни трошоци за одбрана, Смит нудел 250.000, 500.000, па дури и 1 милион долари (со помош од богати пријатели) за да го откупи филмот. Но Вајнстин инсистирал на 5 милиони – сума што Смит не можел да ја оправда.

„Го сакам Догма,“ изјавува тој за Vulture, „но ако имав 5 милиони, ќе снимев целосно нов филм.“

Од филмскиот имот на Вајнстин се продавало сѐ, но интервенирала независната продуцентка Алесандра Вилијамс, која на инвеститорите им рекла:

„Морам да имам контрола на Догма. Можеме да ги продадеме другите филмови и да си ги вратите парите. Ама, јас да го имам Догма.“

Потоа му се јавила на Смит и му рекла „Догма е кај мене, сакаш да правиме муабет?“ Резултатот е ослободен филм и проекција во Кан, каде што сатиричната приказна доби овации од седум минути, и доби „премиера“ во 1500 кина низ САД и Канада.

Смит го опишува „Догма“ како еден од неговите најлични филмови - ги следи Мет Дејмон и Бен Афлек како ангели отфрлени од рајот и нивната намера со финта да успеат да се вратат назад. Со филмот, Смит ја истражувал религијата на неговото семејство, мешајќи и стриповска космологија и креативно дофрлање кон неговите култни Clerks и Mallrats.

Патем, додека „Догма“ живее втора младост, Кевин Смит пишува втор дел.

12 јуни 2025 - 11:22