Како да се мавнеш од телефон?

Може е време за дигитален детокс.

Во моментот кога проверување на телефонот или скролање на социјални мрежи ќе стане навика, многу е потешко да се промени однесувањето. Сепак, лек има и лежи во воведување на нови, поадаптивни навики - фокусирање на креирање рутини и распореди што ќе го заменат штетното однесување.

Што ви е целта, всушност? Да не го користите телефонот после работа? Да го намалите времето поминато пред екран на еден час? Да не жртвувате спиење со тоа што ќе скролате во кревет?

Поставување на јасна цел за тоа како сакате да го користите телефонот е важен чекор и треба да биде осмислена со намера, за да биде јасно кои навики треба да се променат. На пример, ако сакате повеќе да се дружите со семејството, тогаш навиката што треба да се отфрли е гледање во телефон додека сте дома. За ова, добар чекор е „забрана“ за телефони за време на оброци, или оставање на телефонот во друга соба за да немате искушение да го ѕиркате. Добро решение е и часовник со аларм, за да не мора да биде до вас пред и после спиење.

Ако сте понапред со самоконтролата, телефонот можете да го третирате како фиксен. Служи само за повици и готово.

Самиот телефон може да не е ни проблем колку што се проблем апликациите. Овде решението да се извадат тие што најмногу и најбескорисно трошат време. Колку часа на ден поминувате на нешто глупо како игра? На бескорисни Фејсбук-статуси и вести? На токсични твитови? Бришете го тоа што ви одзема најмногу време, а не ви дава ништо.

Изберете една активност што се прави без телефон.
Некои психолози предлагаат и две активности. Значи до продавница без телефон; да ги земеш децата од школо - без телефон. Ова може некогаш да се покаже како проблем, затоа што навистина може баш во тој момент да затреба, но ако е само за да „бидете во тек“ - баталете. Да, некој ќе ви пише додека сте во теретана, ама секогаш може да се одговори од дома.

Ставајте го на „do not disturb“.
Во ред, не ви е удобно да не го земете со вас во секое време. Тогаш барем нека биде на режим за невознемирување за да не вибрира и да дрнда на секоја нова нотификација. Така може и ќе се одвикнете.

Не е сѐ итно.
До скоро, пораки не можевме да видиме/чуеме додека не се приберевме дома. Сега постојано има некакви нотификации и ѕвонења што нѐ известуваат за сѐ и сешто - порака од другар, потсетник за доктор, реакција на меме... Повеќето работи не се итни, а сепак, чувството е како да се.

Поентата е да се надмине реагирањето на небитни работи како да се тревога што бара итна реакција. Но, кога ќе добиете мејл, или порака со нешто што треба да се заврши, свесно поставете го прашањето - мора ли одма? Имам ли одреден дел од денот кога ќе одговорам на сите овие работи одеднаш, за пред и после да бидам раат?

И на крај, дигиталниот детокс може да не ви биде лесен за постигнување одеднаш - но, со вежбање може да стане полесен, па дури и пријатен.

28 јануари 2025 - 10:49