Наместо трач-рубрика:

Ја откажавме свадбата, ама не бидете циции

Ви текнува на невестата што собра 30.000 долари од донации за свадба и на крај ја откажа свадбата? Е па, има уште.

За почеток, како и минатиот пат, оставаме простор да е ова измислен трач за вирално ширење и фаќање вештачки сеир, ама многу повеќе простор оставаме да се случило стварно, затоа што, можеби кај нас не се невестите до тој стадиум, ама запрепастувачки е до каде можат да отидат тоа американските невести.

Да се потсетиме на хорор приказните што ги раскажуваа организатори на свадби, или на оваа, или на оваа, или на овие седум. Од прилика ви е јасно.

Првиот дел од приказната е овде. На кратко, невестата и зетот најавуваат свадба и отвараат сметка за донации од гостите, кои потоа ќе ги искористат за сè што отсекогаш замислувале. И до тука е глупо, ама ајде.

Пресвртот е дека магично одлучуваат дека нема да има свадба баш тогаш, не затоа што раскинале/се скарале, туку, „ете, така”, па за да се опуштат, парите ќе ги искористат на меден месец пред свадба.

Јакото е што на крај, ги канат истите гости да продолжат да си донираат, а тие за возврат ќе им приредат уште понезаборавна свадба од најавената и треба да бидат среќни.

Многу јасно дека несудените гости почнаа да урлаат дека си ги сакаат парите назад.

Прочитајте си.

А сега втор дел.

Нови роднини и пријатели се решени да си ги вратат парите, меѓу кои и богат чичко/вујко што донирал 12.000 долари. И не му ги враќа, бе.

Чичко: Не ми одговараш ни на повици ни на пораки, па ќе ти кажам:

Ќе ми ја вратиш мојата повеќе од великодушна донација од 12.000 долари од име на моето семејство за една недела. Ако на 13-ти ноември, 2019-та не си ги видам парите на сметка, ќе се видиме на суд. Ова е неприфатливо и е предавство за твоите роднини.

Невеста: Ова го пишуваш на јавни социјални мрежи, прибери се! Не, тоа се мои пари сега. Ти ми ги даде МЕНЕ. Мене ми е тешко сега и ти си ги бараш парите? Не функционираат донации така.

Чичко: Мојата донација беше под претпоставка дека ти и Едвард ќе се земете на 1-ви декември дека цело мое семејство ќе присуствува. Дониравме порано и мислевме дека ќе го цениш тоа. Ни ги расипавте плановите и си ги сакаме парите назад. Веднаш.

На што, невестата гледа дека стварно ќе играат адвокати и судови, па решава да се испазари:

Невеста: Еј, нема потреба да се расфрлаш со адвокати. Ајде вака да размислиме. Сигурно ќе ми дојдете на свадба. Би сакале да ги искористиме парите за разни цели што не мора да ги пријавиме до тогаш, важи?

Чичко: Тоа не ми олеснува. Ги очекувам парите што е можно побрзо.

Невеста: Види, каква разлика има дали ќе ги искористам парите сега или подоцна? Ако сакав да си ја измамам фамилијата, нели ќе го смислев ова подобро?

Откако уште неколку несудени гости избезумено ќе побараат да им се јави или да им ги врати парите, а невестата и понатаму е упорна дека се нејзини, се разбира дека, така нежна, доживува наводен нервен слом.

И вака имате:

Невеста: Ова е порака за секој од вас. Нема да примам повици, ни да одговарам на пораки и мејлови. Со Едвард нè бомбардиравте цел ден и цела ноќ. Некој ми го извадил постот од контекст и ме ставил на таблоидниот сајт Редит. Сега името ми е извалкано и оставено да скапе. А кога ќе помислам дека имав доверба во вас.

Сега сум ништо. Ме изморивте до тресење и солзи. Едвард мораше да ме носи во ургентен затоа што бев толку потресена и ми се вртеше. Ме прашуваа и за менталната состојба. Не беше забавно! Сметката беше 765 долари. Фала богу што ќе бидете принудени да платите со фондот.

И сега ВАКА:

Ќе ми треба една недела одмор за да се опоравам. Ќе гасам социјални мрежи, телефон и интернет. НЕ МЕ КОНТАКТИРАЈТЕ. Морам прво да си го вратам емотивниот зен. Морам да заздравам од емоционалната штета што ја претрпев како резултат на овој клеветнички напад од мои пријатели и роднини. И вие да си ја платите сметката од 2000 долари.

Кога ќе се опоравам, јас ќе одлучам кога можеме да разговараме лично. Се надевам дека ќе имам свадба, но не сум сигурна дали можам одново да ја изградам довербата.

И СЕГА ВИКА ВАКА!!!

Во меѓувреме, ве молам размислете да донирате спа-производи или предмети за лична нега за мене, ако воопшто ви значам нешто. Изгубивме речиси 3000 долари од паричниот фонд заради медицински трошоци и би сакале некои од роднините да размислат за донации како знак на добра волја.

Како што кажа Генгус Кан (заб. на прев.: да, генгус пишува) еднаш: „Тишината не е празна. Полна е со одговори.”

Нели е најјака!!

А „безобразните” роднини, пријатели, кумови и деверуши па, без осет продолжуваат да си ги бараат парите, и овде има скриншотови од целата драма.

Значи да повториме: парите не ви ги враќаме, ама во меѓувреме ако може уште нешто да даете, би ви биле благодарни.

Доста странски невести истрачаривме, ама оваа е дефинитивно бара пиедестал.

21 ноември 2019 - 15:58