Изолација со парови кога си сингл: Изгладнување за човечки допир

Две-три сингл девојки споделуваат како се снаоѓаат во карантин, без партнер, додека околу нив цвета љубов, оперирана од осет и преплетена со глупи идеи. Заклучок: Луѓето се неподносливи.

Сведоштво на една девојка од Лондон, во изолација со четворица цимери, од кои двајца си ги носат партнерите да бидат со нив, а двајца меѓу себе веќе имаат „сексуална тензија“. Комбинација од соништата.

Има 32 години и живее во јужен Лондон. Цимерите како што рековме, си ги носат партнерите, „Мора така, за да издржиме, извини.“ Паралелно со тоа, останатите двајца цимери веќе година дена се закачаат и прашање на време е кога карантинот ќе си го направи своето и ќе се спојат. Девојката, која за потребите на текстот во Гардијан е наречена Трејси, има соба меѓу собите на спарените цимери и секоја вечер ги слуша додека имаат секс. Ако се спанџаат и преостанатите, ќе биде осудена на стенкања и воздишки (и тоа не нејзини) од сите страни.

Нормално дека ќе се чувствува како да ја згазил булдожер.

Трејси припаѓа на една група на луѓе во уникатна категорија на карантинското чистилиште: самци што живеат со парови. Луѓето што се сингл и живеат сами може да искусат интензивна осаменост, а двојките можат да почувствуваат дека врските им се тестираат (или зајакнуваат). Самците што живеат со парови ги живеат и двата екстреми. Главно се исклучени од сите планови и често се во ситуација да треба „да им светат“, нешто што не би го ни толерирале пред карантинот, кога можеле да се социјализираат, да излегуваат, да имаат секс без обврски и главно да се забавуваат надвор од дома.

Во една друга ситуација, девојка што живее со нејзина пријателка, сопругот на пријателката и нивното деветмесечно бебе откако се преселила од Украина во Грузија, е заглавена во стан со една спална, и како и за сите нас, моменталната ситуација може да потрае. Бебето вришти, пари на возрасните им снемува и не знаат дали ќе успеат да платат кирија. Успеваат да избегнат расправии, но 24-годишната гостинка, Надја, редовно ја праќаат „да прошета“ за да можат да уживаат во интима. Надја ситуацијата ја опишува како „тешка“, ама барем на тоа гледа како можност да ѝ помогне на другарка ѝ.

Назад на првата ситуација, кога како Трејси ќе те затераат во ќош со „мораме да бидеме заедно“, тешко е да чувствуваш било што освен презир, особено кога ја колонизираат кујната и градината и нонстоп се насекаде, па тебе за повлекување ти останува само твојата соба - а кога и тие ќе се приберат по собите, тешко дека можеш да бидеш раат. Двајца дури и решиле, после 6 месеци врска, да снимаат и секс-видеа за објавување, фала богу во спална, не во кујна.

Психологот Бела Депауло вели дека да си го доселиш партнерот во дом што го делиш со некого е безобразлук на заљубен пар во најлоша форма. „Си одлучуваат онака како што е најдобро за нив, дури и тоа да е променливо во зависност од ситуацијата. Знаат да бидат совршено фини луѓе, кои несвесно сметаат дека нивните потреби се на прво место.“

Од Сан Франциско, сведочи една 24-годишна Џејд што не може да дојде на ред за телевизор, затоа што сестра ѝ и дечкото се кај нејзе, за беспари, една година (какви луѓишта се ова, еј!). Нејзиниот сингл статус ѝ паѓа многу потешко во карантин и нејзина е изјавата за изгладнетост за човечки допир.

„Толку ми фали човечки допир, толку многу би ми значело гушкање во моментов,“ вели таа. „Обично не сум толку фокусирана на тоа што сум сингл, но во ситуацијава како да се истакнува тоа, затоа што немам на што друго да се фокусирам.“ И се опишува како екстроверт, а се чувствува како да им се наметнува секогаш кога им прави муабет на гостите без осет. „Кога ми зборуваат, се освежувам и почнувам да зборувам како навиена, затоа што немам веќе каде да ги чувам мислите.“

Што успеваат да заклучат? Па, таа во Грузија веќе знае дека не сака ни бебе ни брак, ама согледува и дека веќе неколку години се чувствувала осамено. Друга во карантин решава дека нема да се замара со луѓе на кои таа не им е приоритет.И дека врските што ќе се зачуваат и луѓето што нема да ги мразиш и откако ќе заврши ова се оние што вреди да се задржат.

Така што, ако сте во ваква ситуација, од Сан Франциско до Тбилиси имате слични луѓе. И ако барем малку ги мразите тие околу вас, не е дека не сте во право.

21 април 2020 - 15:18