Досега, кога се работело за избори за убавина некои работи се менувале - правила, естетика, фокус на вештини, ама една работа останувала иста - треба да бидеш човек за да се пријавиш.
И фала богу, не пикаат девојки креирани од вештачка интелигенција на редовни избори, ама барем можат да си направат свој - Miss AI.
Натпреварувачките немаат физичко постоење, постојат само на социјалните мрежи, главно на Инстаграм, во форма на фотореалистични слики од екстремно убави девојки - сите креирани со бесплатна ВИ технологија.
Некои ги има и како зборуваат и мрдаат на видеа, па споделуваат и мислења и детали од нивните „животи“.
Еве ја на пример Кенза Лајли, креирана од марокански тим, како се радува што ја избрале за финалистка:
„Бразилката“ ќе ни поигра:
Победникот добива 5000 долари. Компанијата што го води настанот нуди и пакети со ПР и менторирање за првите три тима. Постои и панел од четири судии кој селектирал 10 финалистки од 1500 пријавени, а победничката ќе ја објават до крајот на јуни.
Ова станува сè попопуларно, но во реалниот свет, луѓето губат интерес за вакви натпревари. Не постои веќе фамата околу нив како што било некогаш во ‘70-те и ‘80-те и стануваат контроверзни затоа што им се стеснува просторот во денешниот свет каде што нема место за јачање на стереотипи за жени. Сепак, простор се прави за AI избори за убавина - сите финалисти се со традиционални карактеристики за мисици - млади, убави и згодни.
А многу е просто да привлечеш народ кога имаш секси фотографии од лажни жени. Некои се жалат на стари теми, дека не е фер што нема варијации во род, нема дебели, нема недостатоци. Но, еве, се доби шанса да се креира буквално што сакаш - луѓето пак се фаќаат за традиционално убаво.
Ова е истовремено и шанса за дигитален маркетинг, маскирана во избор за мис - не се суди само по изгледот туку по уште два неконвенционални критериуми - вештината со која креаторите ја имплементираат ВИ технологијата за моделите да изгледаат хипер-реалистично и колку длабоки интеракции овие аватари имаат со публиката на социјалните мрежи.