Има толку многу верзии на Елизабет Холмс, поранешната ЦЕО на сега пропаднатата и потенцијално криминална компанија за тестирање крв - Теранос, што тешко е да се следи. Од една страна е опасна шефица, интензивна, со длабок глас и ролка (како е тоа темелно осмислено!), од друга страна ја има верзијата на Аманда Сифрид во серијата Dropout, и веќе лани летото, една ангелска Холмс со ококорени очи, локни и девојчински глас, на суд - трудна. Таква е таа моќ на одново измислување себеси и влегување во внимателно креирани ликови, или како што ќе каже еден нејзин бивши вработен - можеше да ме убеди во што било.
Оваа недела ќе добие пресуда за измама, затоа што тврдеше дека може да направи 200 медицински тестови (за недостаток на витамин Д, тироидна, што сакаш) од половина епрувета крв и собра милијарди од инвеститори, меѓу кои и искусни политичарски и инвеститорски ајкули. Не само тоа, ѝ се восхитуваа луѓе со многу стаж зад себе, а летаа и описи од типот „одзема здив, впечатлива, челична“.
И вака лажна и криминална, сепак, да не веруваш, си остана како фигура на брилијантност. На ТикТок дури има и група обожаватели што се нарекуваат себеси „Д Холмис“. На Спотифај ѝ посветуваат плејлисти. Ја сакаат затоа што „го насамарила светот, особено бизнис-фелата што ја доминираат мажи.“ Има и мерч - шолји, јакни, маици со логото на Теранос на Етси, а ако сакате да си купите парче гардероба направено според нејзините, може да ве чини и 7000 долари! Доказ дека ако си доволно шик, ни полициска истрага ништо не ти може.
Холмс не е единствена - за лажната германска наследничка Ана Сорокин (или Ана Делви) и серија добивме на Нетфликс (види тука). Додека лежи во затвор, профитот си врви - има заработено 320.000 долари заради учеството во серијата, а модни уредници упорно ја дотеруваат.
Зошто вака се реагира? Според Др. Тим Холмс, предавач од областа на криминологијата на универзитетот Бангор, кој има многу пишувано за измамници, често нè импресионира досегот на нивниот успех.
„Може се муртиме на нивните криминали, но тешко е да не бидеш импресиониран - и ова го викаме продолжена измама.“
Тука е и фактот што извршениот криминал не е отворено насилен, па лесно им се простува (не убиле никого, де?). Д-р Холмс вели дека се работи за идејата дека измамниците не мораат да бидат насилни затоа што се премногу интелигентни за тоа. Луѓето ги убедуваат исклучиво врз основа на харизма и карактер, затоа и се на врвот на криминалната хиерархија. Плус, некако ни доаѓаат како „наши“- крадат од тие што секако можат да си го дозволат лажниот живот.
Сепак, пропаста ја доживуваат затоа што промашуваат еден многу битен детаљ: вистинската измамничка ќе исчезне - не сака внимание. На овие им одговараше Инстаграм-слава.
Тоа не значи дека нема да нè пукнат од филмови и книги и за овие, и за сите идни што ќе дојдат, затоа што таков е трендот. Измамниците се новиот Холивуд.