Како се живее луксузно со туѓи пари

Сме виделе такви луѓе. Светка сè на нив, се истураат од шетање по монденски места, се расфрлаат со бизниси, и ти некако, сакаш да честиташ, ама потајно ти паѓа на памет прашањето: од кај бе, толку пари?

Не збориме за тоа сељачкото „од кај толку пари”, напротив, кога сите би дошле до тоа ниво на свест, да видиме човек што изгледа добро и троши пари и би рекле, без трошка завист и љубомора -„браво!”, светот, особено нашиов, би бил фантастично место за живеење.

Ама има така, некои случаи, каде што и најнезаинтересираниот, најоперираниот од трачеви и мешање во туѓи животи човек, ќе се праша - како?

Таков е случајот со Ана Делви.

Никнува на друштвената сцена во Њујорк во 2016-та и се претставува како наследничка од европска земја (а знаете Американците како реагираат на зборот „Европа” во контекст на монденски живот), спие во најневеројатни хотели, плаќа во кеш, дава бакшиш во банкноти од сто долари дури и кога бакшиш не е потребен. Ја пуштаат на места каде што и дупло да платиш од тоа што таа „го плаќа”, нема да те пуштат ни во кујна да седиш, ја бараат, ја сакаат, сакаат да се дружат, да се сликаат со нејзе, да склучуваат договори, да почнуваат бизниси, да ја шетаат и да бидат видени со нејзе.

Која е Ана Делви?

Ана Делви е класичен лажов, преварант и хохштаплер. Ама како беше, додека има овци, ќе има и волна?

Не е толку проблем тоа што успеала да превари еден куп хотели, клубови и богаташи. Проблемот настанува кога ќе почне финансиски да оштетува обични луѓе. Оној момент, „Еј, ај плати, ми касни татко ми со трансферот на пари, ќе ти дадам.” Ама не, „плати кафе”, туку „плати авион и ресорт, па ќе ти даам”.

За богаташите, воопшто не било проблем, „ќе се раздужиме”, ама имало и луѓе што баш не ги чешале десетици илјадници долари за трошење.

Ако ви беше јак сеирот со Фајр Фестивал, бујрум, 11 минути за Ана Делви и одговори на прашањето: Како е можно?!

16 јули 2019 - 14:30