Стигна и трејлер за серијата „Измислување на Ана“

Серијата ќе ја покрие приказната за девојката што успеа да излаже пола Америка дека е богата европска наследничка, ја прави Шонда Рајмс и сега има трејлер.

За Ана Делви пишувавме во „Како се живее луксузно со туѓи пари“, а за серијата тука. Сега има повеќе детали, како на пример дека вистинската Ана ја пуштија од затвор минатата година и се соочува со депортација во Германија (и будала е ако не стане инфлуенсер); знаеме дека има подкасти, и сега серијата ќе се бави со нејзиниот внатрешен круг, плус новинар што ја истражува. Паузираа со пишување сценарио за да видат што ќе биде реалната пресуда и да знаат како да ја завршат серијата.

Во главна улога ќе се појави Џулија Гарнер, која доаѓа од „Озарк“, откако се откажа Маделин Бруер од „Портокаловото е новото црно“. Лаверн Кокс ќе биде личниот тренер на Ана, Алексис Флојд ќе биде Неф, консиержот од хотелот, а другарката на Ана чија кариера е за малку уништена заради нејзините лаги ќе биде Кејти Лоус. Ако не ги знаевте овие, тогаш ќе ви текне на Ана Чламски, од „Мојата девојка“ со Меколи Калкин - ќе ја глуми новинарката на чија статија во Њујорк Магазин е и базирана серијата.

Доаѓа на Нетфликс на 11 февруари.

26 јануари 2022 - 00:00