„Американска хорор приказна“ ѝ беше на Лејди Гага прва голема телевизиска улога во 2015. Сега се пробува Ким Кардашијан, во 12-та сезона: American Horror Story: Delicate.
Имавме пауза од вакви феномени, ама сега се враќаат - во Swarm игра Парис Џексон (заедно со Били Ајлиш), Кајл Ричардс од Real Housewives of Beverly Hills се појави во последните два Halloween филмови, а во 2022 излезе Alone At Night кој можеше да се гледа само ако купиш НФТ од 263 долари и играа Парис Хилтон, Памела Андерсон, Вини Харлоу, Скај Фереира и други, главно Јутјубери и инфлуенсери на ТикТок.
Доаѓа и Thanksgiving на Илај Рот каде што глуми тиктокерката Адисон Реј и уште жени познати на социјалните мрежи, кои се толку многу на број што ни имињата не им се памтат.
На Ким Кардашијан не ѝ е прв пат - се појави во пародијата Disaster Movie каде што, се бореше со Кармен Електра пред да ги удри астероид (малку ѝ е незгодно од оваа историја). За новиот лик вели дека ѝ било забавно и предизвик и не се знае точно каков ѝ е ликот, ама ако се следи правилото на хоророт, би требало да заврши некако крваво.
Пред 2000-те, it girl беше Дру Баримор и се појави во првиот Scream во 1996 и ја научи публиката дека по „ново“ - никој не е безбеден.
Во 2005 го имавме „Куќа од восок“ каде што гинеше Парис Хилтон и многу луѓе се бунеа дека е мизогин кастингот, ама тоа што графички ја искасапија „Њујоршката девојка бр. 1“ донесе големи пари (барем за тоа време).
Од Мерилин Монро наваму, it-девојките како предност ја користат перцепцијата што општеството ја има за нив, за проектите и јавните појавувања. Потоа се промовираат, добиваат уште проекти, па паузираат, па пак од почеток.
Сега почнуваат повторно да ја сфаќаат моќта на хоророт и ќе добијат орди фанови меѓу хорор-фанови што се хронично онлајн и едвај ќе чекаат да се маскираат во нив на Ноќта на вештерките.
Да не забораваме дека M3GAN стана заштитно лице на Марк Џејкобс.