Ако сте генерално фино расположена и ведра личност, но ви се чини дека нешто ве мачи и се чувствувате истоштени, многу е можно тоа да се должи на човек, личност - оток.
И има знаци што можат да ви појаснат дали сте во таква ситуација.
Едно ситно предупредување: не можат сите да се шутнат - понекогаш тие што нѐ цедат се меѓу тие што ги сакаме.
Кога ви се смачува од помислата на комуникација со нив
Се молите да не ги сретнете, или ве препотуваат секогаш кога треба да им се обратите. Ова значи дека секогаш кога ќе поминеме време со ваква личност, завршуваме емотивно истоштени и под стрес. Расположението се менува на полошо и немаме ни енергија за остатокот од денот.
Непријатно ви е во нивно присуство
Тоа е она седење на игли, или очекување секој момент човекот што ви прави незгодно да истреска нешто. Да ве вовлече во сопствените драми, или да направи проблем од каков и да е карактер каде што неизбежно ќе бидете инволвирани.
Често им ги игнорирате повиците и пораките
Ова самото по себе кажува дека потсвесно се обидувате да се заштитите од човекот. Можеби е токсичен колега, можеби е нарцисоидна мајка, но игнорирањето, и тоа не од злоба и себичност, туку заради штедење на самите себе е доволен показател дека човекот ве цеди.
Веќе ги избегнувате
Ова на моменти спасува, но станува штетно кога бираме да не присуствуваме на места и настани каде што има опасност да се појави оваа личност.
Потребен ви е одмор откако ќе разговарате со нив
Она чувство после кафе со напорна личност, кога ти се лежи пред телевизор и не ти се зборува со никој? Како да си бил на 17 телефони на работа и ти чади главата? Само значи дека можеби треба да се прескокне следното кафе.
Имате порив на некого да му се пожалите од нив
И тоа не да се пожалите со барање помош, туку со дерење и гласно прашување „како е можно“, „Нема да ти се верува што направи“ и „Не се дружам веќе, готово!“, од што ве има отечено.
Имате и физички симптоми
Последно, но не и најневажно - ви се случило ли да искусите физички симптоми после дружење со напорен, токсичен човек? Главоболка, тензија во мускулите, болки во стомакот - сето ова може да е показател дека сте буквално изгњавени. Ако случајно не го препознавате човекот, бидете на штрек следниот пат кога ќе се влошат ваквите симптоми - и телото знае да покаже дека некој ве цеди емотивно.