Има ново во светот на личниот развој: Изгледај сиромашно

Таман нè убеди интернетот да се стремиме кон тивок луксуз кој упорно се гледа, сега има ново - за да напредуваш, изгледај сиромашно.

Кога ќе се навлезе во филозофијата, како да има смисла. Неколку работи ќе се променат кога ќе решиш да „ја полниш сметката во банка, наместо егото“.

Прво, се ослободуваш од маѓепсаниот круг на постојано незадоволство. Веќе се навикнавме дека на секое напредување во животот (подобра работа, поубав дом, повеќе пари) веднаш се поставуваат нови, повисоки стандарди, што пак нè ставаат во состојба на борба „за поарно“.

Второ, повторно ја добиваш изгубената слобода на избор. Опсесијата со богатство, кога купуваш (и купуваш и купуваш) само привидно ти создава чувство на „имање“, а си сепак сè уште во маѓепсаниот круг. Кога не трошиш како луд и не работиш како луд за да можеш уште да трошиш, остануваат пари за повредни работи - инвестирање во себе, учење, патување.

Трето, се враќа и се прифаќа едноставноста, со што магично излегуваме од преживување и влегуваме во живеење. Ајнштајн рекол дека смирен и скромен живот носи многу повеќе среќа од постојано бркање успех во комбинација со константен немир.

И четврто, се враќаш на автентично живеење. Ако основата за сопствената вредност ни лежи во тоа како нè гледаат другите, осудени сме на пропаст. 

И патем, „да изгледаш сиромашно“, овде не значи да се шеташ како да немаш туш и кров над глава. Значи само да не си оптеретен со тоа што медиумите со инка пробуваат да ни го шитнат како „богато“.

10 септември 2024 - 11:13