Ова многу ме тешеше, во вакво време на тага, хаос и разочарување. Но, во исто време, ми донесе различни верзии на една иста идеја: ај, барем сега имам повеќе време да ослабам.
Иронично, јас поминав година ипол во активна, дневна борба да не бидам на диета за свадбата. После една деценија јојо диети и опсесивно вежбање, бев спремна на здрав живот и како за прв пат, здрав живот што можам да го издржам. Ова значеше дека не може веќе брзински диети, не може изгладнување, не може апликации што ми кажуваат како да се чувствувам врз основа на нумеричка количина на калории или јагленхидрати конзумирани во еден ден. Се уморив од сето тоа и знаев дека ако држам баланс и сум доволно самоуверена за време на планирањето на свадбата, без да си кажувам дека морам да бидам послаба, тогаш ќе победам. Си реков дека јас ќе го одредам правецот на остатокот од мојот живот. Ако игнорирам таргетирани реклами со „потење пред свадба“ и детокс-шејкови и невестински режими за вежбање, како и постигнување на „вистинското тело“ за фустанот од соништата, тогаш сигурно ќе можам и засекогаш да го игнорирам сето тоа. Знаев дека сигурно ќе бидам посреќна и поздрава.
И беше многу полесно ова да се каже, отколку да се направи.
Делумно си се лутев што дозволив толку време да помине без да се обидувам да слабеам, а делумно се лутев што воопшто ми е гајле. Години поминав успешно отфрлајќи ги овие мисли, а сепак ете ме - со истите мисли на омраза кон себе и срам што го негувам уште од средно. Истите грди мисли што ги имав и кога бев 10-ка и кога бев 14-ка. „Да бев послаба, ќе беше подобро.“ И со 25 кила помалку истото си го кажував - дека големиот семеен одмор ќе беше поубав да бев послаба. Дека првиот ден на колеџ ќе беше повозбудлив да правев повеќе стомачни.
И еден ден, околу три месеци пред првичниот датум за свадба, се најдов на некои Редит страници, гледајќи слика врз слика од луѓе што слабееле и се најдов како паничам.
Прочитав некој човек што пишуваше дека постел повеќе од три недели, а зениците ми се ширеа додека читав коментари на луѓе што го поддржуваат.
Направив пауза, длабоко воздивнав и си се заветив дека наместо ова, ќе почнам да потхранувам делови од мозокот што ќе направат да се чувствувам добро и вредно. Не може веќе Редит. Не може веќе пред-и-потоа. Нема веќе срам. И тогаш се случи КОВИД.
Откако пролеавме солзи, контактиравме сѐ што треба и објавивме дека одложуваме, се најдов во десетици конверзации со други невести што ми кажуваа како се среќни што имаат време да се обликуваат за свадбата, или барем што добиле уште некој месец јадење пица гратис. Тонот беше лесен, но знаев дека не се шегуваат. Знаев, затоа што истото го мислев. Некое гласче во глава ми кажуваше дека ова ми е втора шанса - врати се на Редит и гледај пред-и-потоа фотографии за мотивација за следната година. Кога се верив во 2018, си реков дека одбивањето диети или опсесивно вежбање пред свадбата ќе биде предизвик кој резултираше во одлучност околу тоа како ќе се чувствувам во врска со моето тело. Секако не мислев дека ќе биде лесно, но барем замислував дека на крајот, нагонот да се вратам на нарушена исхрана или срам ќе го нема. Тука згрешив. Сега свадбата ми е за една година и знам, без сомнеж дека активно ќе го поминувам секој процес на мислите наведени погоре - мрачното, паузите, одновото адаптирање - не само во следните 12 месеци туку веројатно и до крајот на животот. Но, во ред ми е тоа.
Порано мислев дека постоењето на сите тие негативни мисли ме правеше проблематична - дека единствената верзија на самодоверба што ми треба е онаа нескршливата. Сега знам дека реакцијата на мислите што шепкаат „послабо е подобро“ е она што ме прави силна. Паузата. Повторното адаптирање. Правење на истото сѐ додека е потребно. Тоа ми е единствено пред-и-потоа што ми треба овие денови и токму така треба да биде.