Иде нов документарец за одмаздата на принцезата Дијана

Реалното шоу наречено Британска монархија станува жанр.

Ќе биде во два дела и ќе ја раскажува приказната околу она популарно и скандалозно интервју со Мартин Башир.

Прашината на Меган со Опра не е ни падната, а на светот веќе му се сервираат нови трачеви за британското кралско семејство. Не се баш скорешни, но тоа не значи дека новиот документарен филм за Дијана и нејзиното контроверзно интервју во 1995 ќе биде нешто помалку сочен.

„Интервјуто на Дијана: Одмаздата на една принцеза“ ќе навлезе во интервјуто за Бибиси каде што Дијана откри детали за нејзиниот брак со Чарлс и неговото неверство, како и проблемите со менталното здравје што ги имала. Истовремено, ќе им се обрати на тие што сведочеле на распадот на нејзиниот брак и ќе открие претходно невидени документи и снимки од самото интервју. Филмот ќе се врати на прашањето: „молчеше, или те замолчија?“

Ќе се емитува подоцна годинава, во два дела, според Варајети. Не се знае многу повеќе од тоа, освен фактот што е откупен од бројни домашни тв-канали ширум светот.

Тоа што золва-снаа-јатрва трачевите ги распукаа темелите на кралското семејство, но не и аферите на принцот Ендру, братот на Чарлс (кој се дружакаше со Џефри Епстин и спиеше со малолетнички), кажува многу за светот во кој живееме.

12 март 2021 - 11:59