Богатите жени во стар Рим, иако интелигентни на други теми, први ставале бело олово на лицата во надеж дека ќе им го осветли тенот. Ова навистина им ги омекнувало цртите некое време, но неговите токсични состојки наскоро од пријатни црти креирале нешто што личи на леш. Чудо е што се задржала оваа пракса и после падот на Рим.
За жал, покрај античката филозофија и уметност, Ренесансата успева и оваа глупост да ја оживее, па до 16 век, бледата кожа повторно е во мода, како симбол на статус, наспроти потемнетиот тен на еден работник на отворено. Се користело нешто што се викало ceruse - бело олово разводнето со оцет - мешавина што водела до ужасни контраиндикации, меѓу кои губење на заби и коса.
И самата кралица Елизабета го користела за да ги сокрие лузните од сипаници. „Пудрата“ ѝ била позната под името „Духовите на Сатурн“, само што поетскиот наслов не помагал со болката во забите.
Отровна козметика се провлекува и до модерно време. Кон крајот на 19 век, американски компании (затоа што Америка е виновна за многу глупости што ги трпиме денес) продавале „парчиња со арсен“ -за јадење, со ветување дека ќе исчисти црвенило и флеки.
Во 20 век конечно доаѓа нетоксично решение. Новата основна шминка е мрсна, сјајна и вештачка. До 1930, холивудските ѕвезди веќе се жалеле дека студиските светла се рефлектираат во тоа чудо и им се топат на лице.
Еден полски шминкер во Холивуд со име Максимилијан Факторовиц, го забележал тоа и пробал да комбинира масло, восок и вода, плус прав за да го исуши сето тоа. Резултатот бил зачетокот на пудрата што ја знаеме денес, со поприроден, мат финиш, што ја нарекол „Пен Кејк“ затоа што по боја личела на палачинка. Производот го продавал под неговото скратено име, Макс Фактор и за кратко неговата компанија станува еден од првите стартапи на Големата депресија, а до ’40-те, милиони Американки го користат неговото Пен Кејк. Наскоро, нови компании почнуваат да го копираат. Од тогаш има цел асортиман различни течни пудри, од туби, до течности, до прашкасто-кремасти супстанци што се нанесуваат со четка. До скоро, имаше само неколку темни и стотици светли нијанси. После Ријана и нејзиното Фенти Бјути каде што имаше нијанси, ама баш за сите бои на кожа, имаме револуција.