Од најмлади години се издвојуваше по тоа „виолетови очи и дупли трепки“. Иако технички очите ѝ биле длабоко сини, присуството на повеќе меланин во ирисите го давало тој виолетов сјај, особено кога носела облека или шминка во сина, виолетова или темнокафеава нијанса. Затоа често користела црн туш за очи во комбинација со сенки кои ја нагласувале бојата.
Кога на само 9 години го снимала Lassie Come Home, мислеле дека носи премногу маскара, но кога се обиделе да ја избришат, сфатиле дека тоа се всушност нејзините природни, темни и густи трепки. Родни Мекдауел, нејзиниот партнер во филмот, подоцна ќе каже:
„Кој друг може да има дупли трепки, освен девојка што е родена за на големото платно?“
На почетокот од нејзината кариера, од МГМ сакале да се осигураат дека изгледа и звучи како ѕвезда. Ја однеле на стоматолошки интервенции (вадење два заба и носење фиксна протеза), направиле план за обликување на веѓите, тргнале да ја фарбаат и да ѝ смислуваат ново име.
Името „Вирџинија“ го одбиле и таа и мајка ѝ, категорично.
Во приватниот живот, едно од нејзините најдлабоки пријателства било со актерот Монтгомери Клифт, со кого се запознала кога студиото ја испратило да го придружува на премиерата на The Heiress, бидејќи двајцата наскоро требало да го снимаат „Место под сонцето“. Веднаш се зближиле и Клиф ја викал „Беси Меј“. Кога неколку години подоцна имал тешка сообраќајна несреќа - токму по заминување од нејзината куќа - била прва што стигнала до него, му ги извадила забите што му го блокирале дишниот пат и му го спасила животот. Биографот Чарлс Касило запишал дека, иако Тејлор имала многу љубови и бракови - никого не сакала како што го сакала Клифт. Дури и самиот Бартон еднаш му рекол: „Јас ѝ се допаѓам, ама тебе те сака.“ И никогаш не биле во врска, познато е дека Клифт бил геј.
Во 1963 година, Тејлор станува првата актерка со хонорар од 1 милион долари за една филмска улога - за Клеопатра. Филмот не само што бил скап и амбициозен, туку и историски момент за жените во Холивуд.
Има одиграно над 50 филмски улоги и важи за една од најпопуларните ѕвезди на класичниот Холивуд. Според повеќе филмски рангирања, нејзините пет најзначајни улоги се во: Butterfield 8, Who’s Afraid of Virginia Woolf?, Cleopatra, Cat on a Hot Tin Roof, и Father of the Bride.
Покрај филмската кариера, Тејлор беше и пионер во уште една индустрија - таа е првата славна личност што лансирала сопствена линија на парфеми. Првата мирисна линија, Passion, ја претстави во 1987 година, по што во 1991 следеше White Diamonds во соработка со Елизабет Арден. Нејзините парфеми и ден-денес се меѓу најпродаваните, со глобална заработка од над 1 милијарда долари.
На крајот од милениумот, во 1999 година, кралицата Елизабета II ѝ ја додели титулата Дама на Британската империја - признание што го доби заедно со Џули Ендрјус.